Во екот на многубројните случаи во кои моќните холивудски „алфа мажи“ ја искористувале својата позиција за сексуално малтретирање на жените во филмската индустрија, во академската заедница се случи сосема обратен случај. Авитал Ронел, светски угледен филозоф и професорка по германски јазик и компаративна книжевност на Универзитетот во Њујорк, е обвинета за сексуално вознемирување на поранешниот студент Нимрод Реитман.
11-месечната истрага утврди дека професорката Ронел е одговорна за физичко и вербално сексуално вознемирување и дека нејзиното однесување било доволно влијателно за да ги промени условите на студентското опкружување на Реитман.
Реитман наведе дека таа сексуално го вознемирувала три години, пишувајќи му е-пораки во кои му се обраќала со „Мој најобожаван“, „Слатко бебе“, „Кокер шпаниел“ и „Мој прекрасен Нимрод“.
По завршувањето на овој случај, група истакнати научници од целиот свет потпишале писмо со поддршка на професорката Ронел, а прва меѓу потписниците била една од највлијателните феминистки на денешницата, Џудит Батлер, како и светски славниот филозоф Славој Жижек.
Во писмото испратено до Универзитетот научниците тврдат дека го виделе односот на професорката Ронел со студентите, а некои тврдат дека го знаат лицето што ја започнало оваа злонамерна кампања против неа. Професорите гарантираат за нејзиниот карактер и интелектуална посветеност и бараа кон неа да се постапува со достоинство, согласно заслугите на личност со нејзина меѓународна репутација.
Жртвите јавно прозборуваа по многу години тишина.
Реитман, кој сега има 34 години и моментално е на „Харвард“, тврди дека професорката Ронел го бакнувала и допирала многу пати, спиела во неговиот кревет со него, барала тој да легне во нејзиниот кревет, го држела за рака, му пишувала пораки, постојано му се јавувала и одбивала да работи со него ако не ѝ угодел.
Во сета оваа приказна треба да се има на ум тоа што Реитман е хомосексуалец и сега е оженет со маж. И професорката Ронел е хомосексуалка.
Во изјава за „Њујорк тајмс“, Ронел негираше дека станува збор за сексуално вознемирување: - Нашата комуникација, за која Реитман сега тврди дека е сексуално вознемирување, беше врска помеѓу двајца возрасни, геј маж и лезбејка, кои ја делеа склоноста кон екстравагантна и неформална комуникација, што доаѓаше од нашата заедничка академска средина и сензибилитет. Овие комуникации тој постојано ги поттикнуваше и на нив одговараше во период од три години.
Две години по докторатот на Универзитетот во Њујорк, Реитман поднел тужба во согласност со сојузниот закон со кој се спречува сексуална дискриминација во образовниот систем. Во мај, универзитетот ја прогласи професорката Ронел одговорна за сексуално вознемирување, но ја ослободи од другите обвинувања.
„Њујорк тајмс“, кој со своето разоткривање на холивудскиот могул Харви Вајнштајн всушност ги постави темелите на движењето #MeToo, забележува дека овој случај е сличен на ситуациите во кои моќните мажи обвинети за сексуален напад, ги бранеле нивните еднакво влијателни колеги, и на тој начин се обиделе да ја оцрнат жртвата.
Според Реитман, проблемите започнале во 2012 година пред официјално да започне со студиите. Професорката Ронел го повикала да оди со неа во Париз на неколку дена. Првиот ден од него барала да ѝ чита поезија во нејзината спална соба за време на попладневниот одмор. Тоа му било чудно, но не сакал да прави сцена. Но тогаш таа го повлекла в кревет.
- Ги стави моите раце на нејзините гради и го притискаше задникот на моето тело. Ме бакнуваше, ги бакнуваше моите раце, моето тело - рече Реитман. Следното утро тој ѝ кажал дека настанот претходно не бил во ред.
За време на ураганот „Сенди“, во октомври 2012 година, професорката се појавила во неговиот стан бидејќи кај неа снемало струја. Тој вели дека и покрај неговите забелешки, таа го убедила да спијат двајцата во неговиот кревет. Кога легнале заедно, таа го допирала и го бакнувала секоја вечер во текот на една недела.
За случката
професорката изјави дека воопшто не е точна и дека поминала во станот на Реитман две ноќи, и тоа поради поканата од Реитман.