X
 13.02.2024 Живот

Професорката што освои „Греми“ вели дека наградата им припаѓа на нејзините ученици

Наградите „Греми“ го слават најдоброто од музиката. Но, зад секој текстописец, изведувач и продуцент што ќе стигне до таа сцена стојат професори по музика и едукатори.

Затоа се доделува „Греми“ и за музички едукатор, со што им се оддава признание на оние што дале значаен придонес и покажале посветеност на музичкото образование.

Оваа година наградата ѝ припадна на Ени Реј, претседателка на одделот за изведувачки уметности и диригент на оркестар во средното училиште „Анандејл“ во округот Ферфакс, Вирџинија, заедница со многу бегалци и имигранти.

Со создавањето на оркестарот „Крешендо“, таа работи на тоа да ја направи музиката достапна за сите ученици, особено за оние со тешки интелектуални и развојни пречки. Дополнително, таа создаде оркестар за родители, во кој 200 старатели учат да го свират истиот инструмент како нивното дете.

Реј ја освои наградата, како и 10.000 долари и соодветен грант за музичката програма за нејзиното училиште.

 
Како што вели таа, целата заслуга на наградата им припаѓа на нејзините ученици.

- Ова е награда за учениците. Јас сум доволно среќна што бев дел од нивното патување и нивниот процес - вели таа.

Таа присуствувала на церемонијата, каде што многу музичари и други познати личности ѝ приоѓаа и ја пофалија нејзината работа.

- Разговарав со Мерил Стрип и таа ми кажа дека една професорка по музичко ѝ го променила животот. И тоа беше навистина трогателно бидејќи ако можам да променам и да допрам до животот на еден ученик, тогаш сум ја реализирала мојата цел - вели таа.

 
Сега Реј ќе ја искористи паричната награда за да купи инструменти, нешто што училиштето долго време се обидувало да го направи.

Извор: Mymodernmet.com
Фото: Instagram
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот