На денешните студенти им порачувам да студираат со љубов и да вложуваат во своето знаење. Тоа е единствениот капитал кој молците не може да го изедат, ниту крадците да го украдат, и да се засрамат пред себеси кога купуваат оценки. Нема аир од такво ,,знаење“.
Убаво е кога професорите им се рол-модел на учениците и кога отскокнуваат од одредени шаблони на кои многумина им припаѓаат. Учениците сакаат да го почувствуваат тој другарски однос на професорот и можноста да се разговара со него на повеќе теми, а токму таква е Татјана Алексиќ, професорка по македонски јазик и литература во скопската гимназија „Раде Јовчевски-Корчагин“.
Во рубриката „Кога бев студент“, која ја креираме во соработка со
„Пивара Скопје“, ја навративме на факултетските предавања, дружења, предизвици.
Пошироката јавност ја запозна преку емисијата „Сексуална азбука“ што се емитуваше пред десетина години. Тоа беше нејзин обид да се срушат одредени табуа и да се доближи таа тема до младите преку излагањето на стручните лица што гостуваа во емисијата.
Но, како таа навлезе во професорските води и што точно ја навлече да ја изучува општата и компаративна книжевност? Татјана, кој е родена во Скопје, е втора генерација на Катедрата за светска книжевност, од 1986 до 1989 година.
- Од дете бев креативна, сакав да цртам и да пишувам, одев на балет, пеев во хор, сакав музика, по цел ден се вртеа плочи на грамофонот. Во гимназиските денови пројавував афинитети за драмското творештво. На Гимназијадите освојувавме награди со класот кои во тоа време значеа врвна радост. Со класот изрежиравме пародија на Евровизија во Скандализија. Тоа беше годината кога Даниел Поповиќ победи со песната „Џули“. Бев во улога на комична водителка која имитира пет јазици, а соучениците од класот ги имитираа Лепа Брена, Даниел и сестрите Баруџија, Слаѓана Милошевиќ и Дадо Топиќ. Сакав да бидам учителка и станав учителка, која креативноста им ја пренесува и на учениците преку драмската секција - вели Татјана.
Тројкa по математика, одлична во сè друго
Не ѝ било тешко на Татјана да сфати дека повеќе ја бидува за јазици, со оглед на тоа што единствено предметот математика ѝ го расипувал просекот на одличен ученик на крајот од учебните години во гимназијата „Орце Николов“. Страста за читањето ја наследила од двајцата родители. Татко ѝ имал голема колекција на книги, додека љубовта за предавањето ја влече од мајчина страна.
- Татко ми на времето завршил два факултета. Тогаш не беа во мода магистерски и докторати. Работеше како наставник по математика во гимназијата „Алексинац“, потоа заврши рударски факултет во Белград. Машката линија по татко, значи Голубовиќи, имаа култ кон книгите, поезијата и театарот, но можеби имам ген за читање и учителствување од мајчина страна. Тетка ми беше проф. Стефка Прокопиева, која предаваше во гимназијата ,,Орце Николов“. Само што се запишав во „Орце“, таа замина во пензија и тоа беше време кога молчевме дека имаме познати или роднини, срамно беше да се ургира за оценка -додава таа.
На факс со велосипед
Скромноста секогаш била нејзина карактеристика, па дури и кога можела да си дозволи да го покаже спротивното. Секогаш едноставно облечена, најчесто на велосипед, Татјана од својот дом во Тафталиџе патувала на предавањата на факултет.
- На факултет одев со велосипед кога беше убаво времето, а со ,,2-ка“ и ,,19-ка“ по дождливо време. Бевме скромно воспитувани, материјалните моменти беа во заднина, се даваше приоритет на духовните вредности во сите сфери на животот. Дедо ми возеше „опел“ кога полицијата возеше „фиќо“ и никогаш не сакав да ме вози со автомобил до школо од почит кон посиромашните деца. Во класот имавме две сиромашни девојки на кои знаев да им подарам ново парче облека, за да не ги навредам, и да се дружам со нив кога другите ги одбегнуваа - вели Татјана.
Со тогашното момче, а сегашен сопруг
Не бркав просек
Татјана на факултет се концентрирала, пред сè, на предметите што најмногу ја интересирале и не ѝ било цел да брка одреден висок просек на оценки. Учела од врвни професорски имиња, а наместо за постдипломски студии, кои тогаш се изучувале во Белград, таа се одлучила за сосема поинакво искуство.
Како бебиситерка во Швајцарија
- На факултет имав просек 7,8. Не бркав просек. Имав шестки по предмети што не ме интересираа, како ОНО и марксизам, но и граматика, што ми е голем пропуст. Високи оценки имав по предмети што ги студирав со мерак. Имав среќа да ми предаваат големи интелектуалци, чии предавања беа богатство. Завршив за три години и тогаш можеше да се запишеш на постдипломски студии со просек над 7,5, но за тоа требаше да заминам за Белград, бидејќи немавме во Скопје. Без амбиции за титули, заминав за Швајцарија и бев бебиситерка кај другарка од детство. Го студирав животот во Швајцарија. Минатата година, бебето што го чував, сега триесетгодишна убавица и умница, ме покани во Швајцарија да се видиме.
Без врски и ургирање
Без никакви негативни случки, Tатјана се присетува на своите студентски денови. Таа смета дека секогаш била праведно оценувана врз основа на тоа колку знаела, а како моменти што секогаш ќе ги памети ги издвојува годишните екскурзии со колегите и журкањето со тогашното момче, а сегашен сопруг. Заработувале за џепарлак и не им било срам да работат што било додека студирале.
- Јас не знам за неправедни оценки, врски или уцени и не сум почувствувала на своја кожа манипулации од професори. Секоја година одевме на студентски екскурзии низ Европа, во Франција, Италија, Шпанија и на традиционалната апсолвентска во Русија. Тоа се убави моменти што се паметат. Инаку, учев и читав книги во НУБ. Им помагав на брат ми и снаа ми кои го добија првото дете додека студирав, а за викенд излегував по скопските места за журкање со маж ми, кој отсекогаш ми беше момче. Скопјаните од таа генерација бевме некако заспани, мислевме дека е доволно да завршиш факултет и државата ќе те вработи. Сепак, сфативме навреме ,,колку е саатот“ и сами се вработувавме. Без комплекси прифаќавме работа и кога не беше по струка, иако во дипломата ни пишуваше проф. по општа и компаративна книжевност.
Учевме и се журкавме, никогаш не паднав на испит
При подготвувањето на испитите постоела сплотеност. Се делеле материјали, се одело дома кај другари за да се учи. А кога обврските кон факултетот ќе стивнеле, тука биле ноќните забави, и тоа од секаков вид.
- Несебично си споделувавме материјали и заедно учевме. Јас учев со маалските колешки и школски од „Орце Николов“, Соња Лажетиќ и Џого Татјана, но најчесто во НУБ, која е најбогат извор на книги. Знаев и да „скитам“ до доцна ноќе и утредента да добијам осумка. Имав читачка навика, најмалку по два-три часа на ден поминував во читање, а неделата пред испит по цели денови. Одев по забави. Сите мои другарки студираа и се забавуваа, немаше една што не заврши факултет, а бевме сеприсутни по скопските журки, по места како Шанеда, Змија, Клуб на странци, Клуб 63, Џаџо на Партизанска, Тефериџ и Денис. Одевме и по дискотеки според трендовските шеми, забавите во „Орце“, „Јосип Броз“ и на Правен, но и на домашни журки. За три години успеав да ги дадам сите 32 испити, повторувам, без амбиции за високи оценки. Никогаш не сум паднала на испит - додава Татјана.
Фанатик за кино
Голем дел од студентските денови Татјана ги поминала одејќи во кино, често гледајќи некој филм по десетина пати. Таа сакала слободното време да го искористи на креативен начин, со девизата - од старо да создадеме ново.
- Цртав, правев кукли од партали и накит од отпаден материјал, кроев и преправав облека од мајка ми и баба ми. Редовно одев во кино, купував по 30 билети одеднаш за сите фестивалски филмови, некои ги гледав повеќе пати... Сакав и на ,,стари“ години да одам на лизгалиштето на Кале. Го чував и внук ми. На денешните студенти им порачувам да студираат со љубов и да вложуваат во своето знаење. Тоа е единствениот капитал кој молците не може да го изедат, ниту крадците да го украдат, и да се засрамат пред себеси кога купуваат оценки. Нема аир од такво ,,знаење“.