X
 16.08.2019 Технологија

„Епл“ нуди милион долари за тој што ќе го хакира „ајфонот“

Од американскиот технолошки гигант „Епл“ стаса потврда дека планираат да дадат награда од милион долари за оние што ќе успеат да го хакираат „ајфонот“. Ова е највисоката награда што некоја технолошка компанија ја понудила за лов на багови.

Хрватот Иван Крстиќ, шеф на одделот за безбедносен инженеринг во „Епл“, на технолошката конференција во Лас Вегас истакна дека „Епл“ ќе ја зголеми наградата за сите истражувачи и хакери од досегашните 200.000 долари на милион долари ако пронајдат баг во оперативниот систем на „ајфонот“, слабост во новите софтвери или можност за мрежен напад, вирус кој не би вклучувал интеракција со корисникот.

На ловот на багови може да му се приклучи кој било, а освен за „ајфон“, оваа година ќе се прошири и на оперативните системи на останатите уреди, вклучувајќи ги и компјутерите, часовниците и телевизорите.

Крстиќ заклучи дека акцијата на „Епл“, која почнала во 2016 година, бележи голем успех, а хакерите низ светот во последните три години пронашле 50 сериозни багови во нивниот систем.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија