X
 16.08.2019 Технологија

ИКЕА и кралицата на Шведска дизајнираат домови за луѓето со деменција

Како што старее популацијата, така Шведска се соочува со предизвикот како да продолжи да им овозможува поддршка на граѓаните без да потроши многу пари?

Гигантот за мебел ИКЕА има одлична идеја - лансира нов стил на домови за пациенти кои страдаат од деменција преку „БоКлок“, заедничко вложување со шведската градежна компанија „Сканска“ за создавање одржливо и достапно домување.

Во изминатите три децении групата има изградено повеќе од 11.000 модуларни домови низ Шведска, Финска и Норвешка користејќи го моделот на ИКЕА: клиентите со пониски приходи го плаќаат само она што можат да си го дозволат.

Сега, со мали измени, компанијата смета дека може да им помогне на луѓето што страдаат од деменција да живеат дома - заштедувајќи ги владините пари што инаку би биле потрошени за нега. Изградени се првите приспособени домови во близина на Стокхолм.

Дизајнот вклучува вадење на огледалата од бањите и дизајнирање кујнски уреди со старомодни рачки. Се потенцира поминувањето време на отворено и затоа има „терапевтски“ градини и клубови за дружење.

- Грижата за старите лица е многу скапа. Поевтино е за општеството ако услугите им се достапни дома - вели извршниот директор на „БоКлок“, Јонас Спангенберг.

ikea
Фото: BoKlok

Од Јапонија до САД, државите низ светот се соочуваат со последиците од стареењето на популацијата. Шведска не е исклучок. До 2040 година речиси секој четврти жител ќе има 65 години или повеќе, делумно поради бејби-бумот по Втората светска војна.

Во земја како Шведска, каде што очекуваниот животен век е многу висок, а најголемиот дел од грижата за старите лица е финансиран од владата, тоа значи огромен товар за државата.

- Гледаме растечки проблем штом луѓето завршуваат во институции каде што не сакаат да завршат. Ако можеме да создадеме услови во кои овие луѓе ќе можат да си живеат во домот или станот приспособен за нив, дури и со разни синдроми, веруваме дека би можеле да направиме добро за општеството - додава Јонас.

Тоа е движечката идеја на проектот на компанијата „СилвијаБо“. Кралицата Силвија од Шведска, чија мајка имала Алцхајмерова болест, уште од самите почетоци била партнер.

Во 2018 година, пред да умре основачот на ИКЕА, Ингвар Кампард, дал огромна донација за проектот преку фондацијата на кралицата, која обезбедува обука за нега на лица со деменција. Таа е член на управниот одбор и е вклучена во процесот на дизајнирање.

„БоКлок“ е во раните фази на лансирање на „СилвијаБо“ во Шведска и веќе почна разговори со локалните власти за земјиштето и зонирањето. Спангенберг вели дека очекува напредок во наредната година.

Досега компанијата има изградено мал објект со шест стана во близина на Стокхолм. Апартманите ќе имаат посебен дизајн, како што се обоени елементи во бањата и старомодни рачки во кујните.

Исто така, „СилвијаБо“ планира да понуди верзија на домови за луѓе имаат 65 години и се штотуку пензионирани, со мали приспособувања и опции за лесно додавање одредени функции.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија