Во овој период од годината, на крајниот север на Шведска, Сонцето не оди под хоризонтот, не заоѓа, па затоа е 24/7 ден.
Со овие зборови, пред неколку дена, Туристичкиот одбор на Шведска го најави почетокот на необичен природен феномен кој ќе трае следните два месеци. Нивната објава на официјалната фејсбук-страница предизвика вистинска бура од ентузијазам, а мотивираше многумина да ја искусат магијата на „полноќното Сонце“ на северот на Европа.
Поларниот ден или полноќното Сонце, како што се нарекува, е фасцинантен природен спектакл кој се манифестира на територијата северно од арктичкиот круг и јужно од антарктичкиот круг. За разлика од вообичаените дневни циклуси, за време на оваа појава, Сонцето не заоѓа под хоризонтот, туку останува видливо 24 часа на ден и го осветлува пејзажот со прекрасна шарена палета од сите бои.
- Доживувањето на полноќното Сонце во Шведска може да ви пречи првите неколку дена откако ќе пристигнете, затоа спакувајте маска за спиење ако сакате малку да поспиете. Дури и луѓето што живеат во шведска Лапонија имаат проблеми со спиењето, а продажбата на затемнетите завеси функционираат многу добро - пишува веб-страницата „Визит Свиден“. Тие додаваат дека уживањето во бескрајните летни денови во Шведска е незаборавно искуство и дека можете да спиете кога ќе се вратите дома.
За да го видите Сонцето кога часовникот ќе чукне полноќ, треба да се упатите на север. Општо правило е: колку поблиску сте до Арктичкиот круг, толку се поголеми шансите да се сретнете со полноќното Сонце. Ако барате совршено место за такво искуство, не треба да гледате подалеку од шведска Лапонија - диво северно пространство кое зафаќа речиси четвртина од земјата.
Посетата на Шведска за време на полноќното сонце овозможува незаборавно искуство кое ретко може да се доживее насекаде во светот. Без разлика дали ќе изберете да одите на планинарење, кампување, фотографирање или посета на еден од најпопуларните фестивали во земјата „Мидсомер“, ова е можност да се поврзете со природата на навистина уникатен начин и да создадете спомени кои ќе траат цел живот.
Извор:
b92.net
Фото:
Instagram