X
 16.08.2024 Образование

Зошто ФИНКИ е првиот избор на идните ИТ-лидери - Интервју со продеканот Ристе Стојанов

Во пресрет на новата учебна година и претстојните уписи решивме да го посетиме еден од најбараните факултети помеѓу матурантите, Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство Скопје или подобро познат како ФИНКИ. Остваривме средба со продеканот за настава вон. проф. д-р Ристе Стојанов.

ФИНКИ изгледа како градилиште. Што се случува, продекане?

Драго ми е што го поставивте ова прашање, бидејќи со огромно задоволство може да кажеме дека ФИНКИ секоја година станува сѐ поголем и помоќен. Оваа година, дел од нашата визија за иднината се остварува преку ваквите значајни проширувања и модернизации. Притоа, надградбата на лабораториите со нови 60 компјутери со високи перформанси и изградбата на новиот амфитеатар со капацитет од 300 места се само почеток. Интерактивни лаборатории, модернизирање на просториите со помош на нашите партнери од индустријата - сè е спремно да ги дочека нашите студенти и да им обезбеди што е можно подобро искуство при студирањето, а вам ве каниме повторно да нѐ посетите на почетокот на академската година за да ви направиме прошетка и да ни кажете како ви се допаѓа реализираното.

И оваа година ФИНКИ е најбараниот факултет. Што го прави толку привлечен?

ФИНКИ со своите меѓународно признаени студиски програми, уште од самото формирање ги привлекува најголемите таленти. Секој матурант знае дека информатиката е една од најбараните професии и со сигурност ќе остане релевантна, а токму ФИНКИ е местото каде што започнува иднината. Нашите студенти се на исто ниво со оние од најпрестижните универзитети во светот, и тоа благодарение на квалитетот на програмите и врвниот кадар. Со над 60 доктори на науки, ние сме најголемиот ИТ-факултет во Југоисточна Европа. И не само тоа – скоро секој наш студент во четврта година е веќе вработен! Воедно, условите за информатичари кај нас се одлични: можност за продолжување на студиите во странство, конкурентни примања, можност за работа од било кој дел од светот, и сè повеќе стартапи основани од нашите дипломци. Ова е време на револуција во технологијата, а ФИНКИ е нејзин предводник!

Кои се најпопуларните студиски програми на ФИНКИ?

На ФИНКИ интересот за сите студиски програми е огромен, и тоа со добра причина – секоја од нив е внимателно дизајнирана да создава кадри кои не само што се конкурентни, туку се и лидери на пазарот. Нашите програми ги оспособуваат студентите да работат со најсовремените и најмоќните технологии на денешницата – софтверско инженерство, вештачка интелигенција, сајбер безбедност, пресметување во облак (cloud computing) и роботика. Нашите студиски програми нудат многу повеќе од обука, тие претставуваат интензивна подготовка за освојување на светот на технологијата. Со овие вештини, нашите студенти се постојано во чекор со најмодерните трендови, а уште поважно е што учат како да ги обликуваат, да создаваат и да применуваат нови подвизи, станувајќи архитекти на иднината. Моментално, двете најпопуларни програми се софтверско инженерство и информациски системи, како и примена на информатички технологии. На овие програми секогаш се бара место повеќе.

Минатата година воведовте и стручни студии. Дали може да ни објасните повеќе за нив?

Стручните студии се брза и ефективна патека до успехот! За две до три години, нашите студенти се трансформираат во високо квалификувани програмери, подготвени да работат на предизвикувачките проекти на пазарот. Овие студии се дизајнирани за да им овозможат на студентите да го стекнат потребното техничко знаење со акцент на практичната работа. Но, она што ги прави уште поатрактивни е тоа што се 100% компатибилни со академските студии. Според законското право, нашите студенти по завршување на стручните студии можат да се префрлат на академски студии и со дополагање на неколку предмети да стекнат титула дипломиран инженер.

Стручните студии се самофинансирачки, со цена од 600 евра годишно, и се дизајнирани за да одговорат на потребите на студентите кои веќе работат во индустријата и сакаат да ги формализираат своите знаења.

Каков е интересот за стручните студии?

Интересот за стручните студии минатата година нѐ изненади, со скоро целосно исполнета квота, и покрај тоа што беше прва година на отпочнување на програмата. Овие студии беа специјално дизајнирани за да понудат опција за побрзо дипломирање на нашите тековни студенти кои веќе работат во индустријата и го стекнале потребното техничко знаење за да бидат успешни програмери. Искуството досега е извонредно, а она што ни е особено драго е дека фидбекот од студентите е многу позитивен.

И за крај кој е вашиот совет за матурантите кои сакаат да се запишат на ФИНКИ?

На матурантите кои сакаат да се запишат на ФИНКИ, би им порачал да го следат својот сон и да не се плашат од предизвиците кои ќе ги сретнат по патот. ФИНКИ е место каде што ќе се соочите со многу дружење, но и со многу учење и работа, а токму тие искуства ќе ве однесат до успехот. Верувајте во себе и знајте дека трудот секогаш се исплати.
Уште поважно, станувајќи дел од ФИНКИ, ќе се приклучите на една од највлијателните и најиновативни заедници во регионот. Тоа е заедница каде што се создаваат контакти кои траат цел живот, каде што ќе се опкружите со луѓе кои ги делат вашите амбиции и страсти. Овде не само што се градат успешни кариери, туку се раѓаат и идеи и иновации што го менуваат светот, а ние сме тука за правилно да ги насочиме и да им ја дадеме нашата целосна поддршка во остварување на нивните професионални цели.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование