X
 08.04.2020 Наша тема

Повеќето факултети на УКИМ немаат услови за онлајн-полагање, ФИНКИ ќе прави пилот-сесија

Искористувањето на времето поминато дома во самоизолација е поефективно ако се има цел во учењето и ако следува вреднување и оценување. Веројатноста студентите да бидат дома наместо надвор кога е најважно да е така е поголема ако следува испит. Зошто во овој период студентите да не можат да си намалат барем малку од обврските полагајќи барем некои од испитите - вели деканот на ФИНКИ, Иван Чорбев

Повеќето факултети го прифатиле барањето на студентите на УКИМ испитите да не се полагаат онлајн зашто тоа не нуди гаранција за квалитетот и ќе го деградира нивното знаење, труд и диплома. Основниот аргумент на студентите беше дека не постои механизам кој ќе обезбеди целосен надзор врз начинот на полагање и ќе се овозможат манипулации со испитите.

Филозофскиот факултет од Скопје го прифатил барањето на Студентското собрание да нема оценување додека не завршат вонредните мерки и не се создадат услови за објективно оценување. Деканот Ратко Дуев смета дека студентите се во право.
  

Проф. д-р Ратко Дуев

- Не се доведува во прашање само објективноста на оценувањето, туку и реалното администрирање на семестрите, сесиите и учебната година. Имаме професори со хронични заболувања, мајки на мали деца или на породилно отсуство, кои се ослободени од работните обврски. Не можам да барам од нив да ги извршуваат работните обврски бидејќи со тоа би ги кршеле одредбите од времените мерки. Не би сакал да помислам, но што ако некој наставник или студент се разболи во меѓувреме од вирусот? - вели Дуев.

Тие направиле анкета на студентите на сите три циклуси, која покажала дека 90% имаат услови за е-настава, но и дека 80 % од нив сметаат дека таа не може да ја замени вистинската настава.


 Според Дуев, предизвици има многу. Голем проблем е брзината на интернет-врските - честопати доаѓа до прекин поради преоптовареноста на мрежите и серверите во светски рамки.


 - Како би изгледало тоа оценување во вакви услови? Реално сите студенти и наставници не можат во одреден рок, додека трае оваа состојба, да оценуваат и да бидат оценувани. Да претпоставивме дека 60% би полагале колоквиуми во текот на наредните два месеца и испити во јунската сесија. Но, што со другите? Кога тие би полагале? По еден, два или три месеци? Како ќе запишат година и како ќе започне наредниот семестар? По каков академски календар ќе работи факултетот? Затоа сметам дека е најдобро сесијата да биде за сите студенти кога ќе престанат да важат вонредните мерки - објаснува Дуев.


На ПМФ сме фокусирани на наставата

Според проф. д-р Ицко Ѓоргоски, декан на Природно-математичкиот факултет, и нивните студенти не сакаат оценувањето или испитувањето да биде преку електронските форми на комуникација. Кон крајот на март Студентското собрание на ПМФ спровело анкета која покажала дека 85,7% од анкетираните студенти се изјасниле дека оценувањето/испитите не треба да се одржува онлајн и навеле многу аргументи.

- По ваков став на студентите не знам дали ние како наставници и нивни професори имаме избор. Ние професорите, нашите факултети и универзитетите постојат за студентите, тие се во центарот на високообразовниот процес, а никако обратно. Мора да се има предвид дека ако потрае состојбава, ќе имаме притисок од роковите со кои сме обврзани според Законот за високо образование, статутите на УКИМ и на ПМФ и правилниците - вели Ѓоргоски и додава дека телата на факултетот се во постојана комуникација и се разгледуваат различни предлози како да се надмине проблемот со испитувањето и оценувањето. 

Извесно е дека нема да може да имаат униформен систем, објаснува тој.

Проф. д-р Ицко Ѓоргоски



 - Ние сме многу шаренолики. Тоа што е важно во испитувањето и оценувањето кај географите не е исто со она кај биолозите, уште помалку кај математичарите. Тоа што е важно за етнолозите никако не е најважно за хемичарите и физичарите. Наскоро ќе имаме предлози што ќе ги размениме, продискутираме и усогласиме со нашите студенти. Факултетите, или ако сакате универзитетите, мора да имаат алтернатива за секоја состојба и мора да бидат пример дека во секоја ситуација има решение - вели Ѓоргоски.


Студентите на ФИНКИ сакаат да полагаат



 Но, ваков став немаат студентите на ФИНКИ.
- Мнозинство од студентите на ФИНКИ не се противат на онлајн-оценување доколку постои техничка можност за тоа. За да ги провериме овие информации, деновиве Студентското собрание реализира анкета на студентите на ФИНКИ на која на 16 прашања одговориле 2.010 студенти, што е околу половина од активните студенти на факултетот, објаснува деканот Иван Чорбев. На прашањето дали ќе биде од корист да се воведе дополнителна можност за полагање онлајн за предметите каде што има техничка можност, покрај редовните сесии кои ќе следуваат по вонредната ситуација, позитивно се изјасниле 1.361 студент, односно 68% од испитаниците. 


Деканот Чорбев со стипендирани студенти на УКИМ на првиот академски час 

- На прашањето: Дали мислиш дека преку вакво полагање ќе биде реално оценето твоето знаење?, 42% се согласиле потполно или генерално, 26% делумно се согласиле, додека 32% генерално или воопшто не се согласиле. Така што, мнозинството студенти се согласуваат да има дополнителна можност да се полагаат испитите со електронски системи, таму каде што има услови за тоа. Сите посакуваме во јуни и во септември ситуацијата со епидемијата да се смири и да имаме редовни и по потреба двојни сесии со цел да се компензира за загубата на колоквиумите оваа пролет. Но, за жал, со трендовите што ги уочуваме, изгледите за нормални сесии во јуни се сѐ помали и ние мора да ги имаме сите опции отворени за доброто на студентите - објаснува Чорбев.


Пилот-полагања месецов

 

На ФИНКИ разгледувале многу технички решенија и споредувале добри практики од високорангирани универзитети каде што полагањето од далечина не е ништо ново.

- Ова се вонредни околности и треба да бидеме спремни за вонредни напори и вонредни решенија. Засега оставивме простор за првите парцијални испити во април да се направат експериментални полагања на пилот-предмети за кои професорите сметаат дека се податливи за електронско полагање со алатки со кои ќе се обидат да постигнат добри резултати. Со искуствата добиени од овие први обиди за онлајн-полагање и во зависност од текот на процесите со епидемијата, до јуни и септември соодветно ќе се адаптираме во корист на студентите и нивниот интерес - објаснува Чорбев. Тој додава дека евентуална ан-блок забрана на испити е многу рестриктивна и паушална.

Од анкетата на ФИНКИ


- Направивме сериозни напори овие изминати недели, а и месеците што следуваат да не се изгуби време од животите на студентите, туку да обезбедиме далечинско учење за да се совлада материјалот навреме. Соодветно е добро да има и валоризирање на вложениот труд и можност студентите да ги остават некои од испитите успешно зад себе и да продолжат побрзо понатаму со студиите и кариерите. Искористувањето на времето поминато дома во самоизолација е поефективно ако се има цел во учењето и ако следува вреднување и оценување - вели Чорбев.

Тој објаснува дека има предмети со помал број студенти кои може директно да се испрашаат преку телеконференција. 


- Има студенти што веќе се пријавиле за магистерски студии во земјата или во светот следната есен, зошто да не може да го положат последниот еден или два испити, да дипломираат и да не ја изгубат следната година?




 На Факултетот за електротехника и информациски технологии одлучија дека проверката на знаењата преку колоквиуми за прв циклус студии и испити (за сите три циклуси студии) нема да се применува со електронски средства за комуникација и ќе се спроведе кога ќе се создадат услови за тоа.

 - Како дел од завршното оценување може да се врши вреднување на одредени активности (семинарска работа, домашна работа, проекти и други активности предвидени со предметната програма) на студентите, што се изразува преку поени - вели деканот Димитар Ташковски.

И на уметничките факултети велат дека е комплицирано да се изведува онлајн-полагање. Среќна околност е што на Факултетот за драмски уметности испитите главно се во јуни, а програмата е така замислена што нема ниту колоквиуми, ни објасни деканката Мими Таневска. Таа вели дека за теоретските предмети обезбедуваат онлајн-настава, поголем проблем се практичните предмети, за кои немаат услови да ги реализираат.

И на Факултетот за дизајн и технологија на мебел и ентериер нема можност за онлајн-полагање на испити и тоа ќе се реализира кога ќе има услови за тоа.

Во одлуката на овој факултет стои:
- Предмет на оценување во рамките на предметната програма, покрај проверката на знаењето, можат да бидат: семинарска работа; домашна работа; проекти консултации и др. Оценувањето (бодови) се спроведува со примена на електронски технички средства, доколку тоа го дозволува природата на тој вид оценување.

Деканот на Архитектонски факултет, Огнен Марина, ни изјави дека и на нивниот факултет нема можност за организирање онлајн-полагање на испитите. Тој вели дека ова е времена состојба и се очекува да помине, по што ќе се организираат полагањата.

- Оставивме можност, на барање на некој студент што има потреба да положи одреден испит, на пример, поради продолжување на студии во странство и слично, но само ако за тој предмет дозволува да се спроведе ваков начин на полагање.

И на Технолошко-металуршкиот факултет нема одлука за онлајн-полагање на испитите бидејќи нема услови за тоа. На овој факултет има онлајн-настава која треба да трае до мај и тие се надеваат дека кризата ќе помине, па во јуни ќе се реализираат испитите. 

На Стоматолошкиот факултет велат дека проверката на знаењата преку предиспитен завршен колоквиум и полагање на специјалистички испит не може да се спроведува со примена на средствата за електронска комуникација и таа ќе се спроведе кога ќе се создадат услови за тоа.
Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk/Весна Ивановска-Илиевска/vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема