Во пресрет на втората инстанција од иницијативата FINKI ILT разговараме со вон. проф. д-р Боро Јакимовски, продекан за наука и соработка на ФИНКИ.
Соработката со индустријата е составен дел на работата на факултетите. Кои се активностите на ФИНКИ во оваа насока, особено во услови на сѐ поголемата потреба за ИКТ-инженери?
- Уште од самото формирање ФИНКИ активно и успешно соработува со ИКТ-индустријата. Потврда за тоа се склучените меморандуми за соработка со повеќе од 300 компании од Македонија и светот, како и многубројните успешни активности што се спроведуваат во рамките на соработката. ФИНКИ располага со значителни хардверски ресурси кои се користат од студентите, истражувачите, а често и од компании во рамките на соработките. Вработените на ФИНКИ со својата експертиза често се вклучени во заеднички научноистражувачки и апликативни проекти со заинтересираните компании.
Секојдневна практика е компаниите активно да се вклучени во наставниот процес, дел како гостински предавања на часовите и дел со заедничко учество во изработката на студентски проекти, пракси и дипломски работи. Исто така, ИКТ-фирмите вообичаено се вклучени во организација и поддршка на воннаставни активности, како семинари, курсеви, летни школи и работилници, дополнително збогатувајќи ги можностите студентите да стекнат широк спектар на знаења и вештини. Ние на ФИНКИ сме свесни за брзите промени со кои секојдневно се соочува ИКТ-индустријата и знаеме дека единствено со заемна помош на индустријата и академијата може да се постигне крајната цел - образување способни и успешни ИКТ-инженери кои ќе придонесат за совладување на ваквите предизвици. За таа цел, ФИНКИ активно ги вклучи ИКТ-компаниите во формирањето на содржините на
новите наставни планови кои започнуваат од оваа учебна година.
Неодамна, во февруари, го промовиравте настанот FINKI ILT, а веќе се одржува и вториот настан од серијата. Се чини дека иницијативата брзо предизвика интерес и впрочем е повод за овој разговор. За што станува збор?
- Секојдневните контакти што ги остваруваат професорите и асистентите од ФИНКИ со ИКТ-индустријата доведоа до идејата за започнување серија на настани насловена FINKI ILT (FINKI Industry Learn and Talk), каде што компаниите и ИТ-професионалците, од една страна, и наставниот кадар од ФИНКИ, од друга, ќе разменат знаења, искуства и ќе дебатираат за секојдневните предизвици поврзани со новите технологии, методологии и професии. FINKI ILT ќе се одржува најмалку 3-4 пати во годината, и секој настан ќе покрива одредена специфична тема и проблематика. На секој неколкудневен настан, инженери од компаниите и вработени од ФИНКИ ќе ги презентираат своите искуства на заинтересирани ИТ-професионалци, со што тие ќе можат да ги следат светските трендови на сѐ поголемиот екосистем на технологии, алатки, платформи, но и нови области во информатиката. Секако, покрај ИКТ-професионалците од Македонија, активни слушатели на FINKI ILT се и студентите за кои се резервирани најмалку 30% од аудиториумот. Идејата е ФИНКИ и фирмите партнери во симбиоза заедно да придонесат за континуирана едукација и доживотно учење на ИТ-фелата во Македонија, нешто што е особено важно во индустрија каде што секојдневно се случуваат нови работи. Повеќе информации за настанот можете да најдете на
http://ilt.finki.ukim.mk.
Споменавте дека FINKI ILT е насочен кон новите брзорастечки технологии и ИТ-профили. За што конкретно се работи?
- FINKI ILT почна во февруари оваа година со првиот настан „Cloud days“, кој беше насочен кон размена на искуствата поврзани со технологиите за пресметување во облак, пред сѐ насочени кон IaaS, PaaS и SaaS технологиите во Amazon Web Services. Првиот настан беше организиран на иницијатива на фирмите InterTec и doxTeam од Скопје, кои во континуитет се активни партнери на ФИНКИ. Уште од самиот почеток настанот предизвика голем интерес со повеќе заинтересирани слушатели од повеќе фирми, пред сѐ поради актуелната потреба од сѐ поголемо, посоодветно и поекономично искористување на пресметувањето во облак во ИТ, но и во ред други поврзани технологии. Следниот FINKI ILT, кој почнува денеска, е насочен кон DevOps како нов профил на ИКТ-инженери што е сѐ повеќе баран на пазарот на трудот. Сега се вклучени и нови и поголем број фирми и во самата организација. Следниот FINKI ILT, кој ќе се одржи во септември 2018 година, ќе биде насочен кон Data Science, како уште еден нов баран профил на ИКТ-инженери. ФИНКИ е лидер во Македонија во Data Science како научна област во која кадарот на ФИНКИ активно учествува преку многубројни научноистражувачки проекти, но и како експерти во развојни проекти во ИКТ-индустријата. Идните FINKI ILT ќе бидат насочени кон слично популарни и корисни теми, и ФИНКИ секогаш останува отворен за сите компании да предложат теми за следните настани.