X
 16.09.2022 Живот

Кога септември ќе се претвори во „стресември“... Психијатар советува како да се изборите со стресот

Многумина сакаат да продолжи летото, но се чини дека на топлите денови им дојде крајот. Веќе е септември, а септември може да биде и месец во кој луѓето се под голем стрес.

Српскиот психијатар Зоран Илиќ објаснува што можете да направите за подобро да се соочите со стресните околности што ги носи септември. Илиќ посочува дека ефектите од годишниот одмор значајно се намалуваат по само три дена од враќањето на работното место, а целосно исчезнуваат по три недели. Тогаш, нивото на стрес се враќа на она пред одморот.

Освен тоа, само една од четири личности се враќа свежа од одмор, а околу 80 отсто влегуваат во состојба слична на депресија која се карактеризира со главоболка, умор, нерасположеност, раздразливост и недостиг на концентрација. За соочување со овој стрес, Илиќ препорачува три чекори.

Чекор назад

Една од најважните работи што треба да научите да ги правите кога имате премногу работа е да кажете не. Ослободете се од непотребните работи и кажете му не на мултитаскингот, бесполезното седење на социјалните мрежи, претераното гледање серии, вести итн.


Фото: Pixabay

Наместо тоа, создајте рутина која ќе направи да чувствувате дека имате контрола. Вратете се во ритамот на спиење и исхрана како порано.

Длабок здив

Илиќ советува практикување одредена физичка активност за да се наполните со енергија. Половина час вежбање дневно го намалува хормонот на стрес за 53 отсто. Секојдневните лесни прошетки се доволни.

Истовремено, бавното и долго дишење ќе ви помогне да се опуштите, па дури и да заспиете. Испланирајте и задоволство кое ќе го имате по работата, особено првите работни денови по одморот. Се препорачува и добра и здрава исхрана и редовно спиење.

Повторно нурнување

Доколку можете, вратете се дома од одмор барем три дена пред да се вратите на работа, советува Илиќ. Наместо да почнете со работа во понеделник, почнете во четврток или петок. На тој начин ќе го ублажите цунамито на првиот работен ден, а ќе ви остане и викендот за да се одморите и да ја испланирате следната седмица.

Не заборавајте на паузите и не одложувајте го одморот во текот на денот бидејќи тој е важен за фокусот и концентрацијата.

Извор: Kurir
Насловна фотографија: Pixabay
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот