Учениците од четврта година средно образование, освен училишните обврски како матурските испити и матурската забава, ги чека и најважниот ден, кога ќе го прослават полнолетството и влезот во светот на возрасните.
Но, славењето има своја цена. Штом ќе наполнат 18 години, иако се ученици во четврта година, остануваат без здравствено осигурување и за тоа не добиваат никакво известување.
- Иако се ученици во четврта година, им престанува здравственото осигурување. Дознаваат за тоа кога ќе се разболат и ќе платат приватно лекување. Потоа мора да носат потврда во Фондот дека се ученици. Истото се случува и кога матурираат. Децата не знаат цело лето дека не се осигурени, па чекаат потврдат од факултетот кога ќе почне академската година. Родителите навистина не знаат зошто е толку нетранспарентно и комплицирано - вели загрижен родител на бруцошка која минатата пролет матурирала, а сега чека да ѝ почне првиот факултетски семестар.
Од Фондот за здравствено осигурување за Факултети.мк велат дека според законските одредби од Законот за здравственото осигурување, врз основа на задолжителното здравствено осигурување нa осигуреникот, се обезбедува задолжителното здравствено осигурување и на членовите на неговото семејство, и тоа на: брачниот другар и децата родени во брак или надвор од брак, пoсиноците, посвоените деца и децата земени на издржување.
Децата на осигуреникот се здравствено осигурени:
1) до навршување 18-годишна возраст, а по тие години само ако се на редовно школување, но најдоцна до навршување 26 години;
2) кога се на вонредно школување, ако поради природата на болеста не се во можност редовно да ја посетуваат наставата и
3) ако се или станат неспособни за самостоен живот и работа во смисла на прописите на пензиското и инвалидското осигурување, односно за социјалната заштита, ако осигуреникот ги издржува - за сето време додека трае таквата неспособност - информираа од ФЗОМ.
Немаат здравствено ни во периодот од матурирањето до запишувањето на факултет
Потврдата за редовно школување е задолжителна при поднесувањето на пријавата за остварување на правата и обврските од задолжителното здравствено осигурување според подзаконските одредби од Правилникот на Фондот.
- За средношколците што полнат 18 години, согласно законските одредби, потребно е да се достави потврда од средното училиште, врз основа на која се докажува редовното школување, со цел обезбедување активно здравствено осигурување - велат од ФЗОМ.
Но, оттаму не одговорија како се регулира вакуум-просторот кој се создава помеѓу завршувањето на средното училиште и запишувањето на факултет, простор кој трае неколку месеци од јуни од септември.
- Поголем број високообразовни установи податоците за потврдите за редовните студенти до Фондот ги доставуваат по електронски пат за секој запишан семестар. Врз основа на оваа електронска достава на податоци се обезбедува континуирано задолжително здравствено осигурување на студентот кој редовно се школува преку родителот.
Доколку факултетот не достави податоци за редовно запишан студент, во тој случај студентот ќе треба повторно да се пријави во задолжителното здравствено осигурување, со нова ЗО-1 пријава и потврда за редовен студент издадена од соодветниот факултет - рекоа од Фондот за здравствено осигурување за Факултети.мк.
Фото: приватна архива