X
 16.10.2020 Здравје

Филипче: Ако има потреба, по викендов ќе побараме забрана за настани, работно време до 23 часот...

Министерот за здравство Венко Филипче и претседателот на Комисијата за заразни болести, д-р Жарко Караџовски, информираа за заклучоците од состанокот на Комисијата за состојбата во која во моментов се наоѓаме со пандемијата на Ковид-19, бројот на новодијагностицираните случаи, како и капацитетите на болниците.

- Целосно е подготвена модуларната болница до Инфективната клиника. Сè уште таму нема сместено пациенти, пристигнати се лекарите од останатите клиники што треба таму да работат, заедно со колегите инфектолози и медицинските сестри од сите интерни и хируршки клиники, согласно вчерашните распореди кои ги направивме со сите директори на овие институции. Во однос на бројките, еве гледаме и насекаде во регионот се зголемуваат новодијагностицираните случаи. Ова е нешто што сите го очекувавме. Согласно очекуваниот есенски бран, зголемена концентрација на случаи во смисла на зголемен број дијагностицирани од вкупниот број направени тестови во сите земји во регионот, во Европа, исто така, се воведува некаква форма на рестриктивни мерки - рече Филипче.

Тој потенцира дека еден пакет на рестриктивни мерки до Владата е веќе предложен и согласно важечките уредби со законска сила потребно е да се направат тие законски измени.

- Законот е веќе во собраниска процедура и очекуваме следната недела Собранието да го изгласа, за предложениот пакет за задолжително носење маски на отворено, забраната за групирање по 22 часот и забраната за домашни посети, согласно искуствата што ги имаме, веќе да стапат во сила и да може инспекторите и Министерството за внатрешни работи да бидат подготвени да постапуваат во контрола и санкции. Утрово разговаравме и за дополнителен пакет рестриктивни мерки кои по евалуацијата на ситуацијата во следните денови и викендот, доколку има потреба, до Владата ќе бидат предложени во понеделник. Тоа би вклучувало ограничување на капацитетот на луѓе во јавниот превоз, до 50 проценти како што беше претходно, целосна забрана за секакви настани и крај на работното време на сите економски оператори, субјекти во 23 часот. Доколку продолжи овој тренд на зголемување на случаите, овој пакет мерки заедно со оној што треба да помине во Собрание мислам дека сериозно ќе ја забави, ќе ја редуцира можноста за трансмисија на вирусот - истакна Филипче.

Претседателот на Комисијата за заразни болести, д-р Жарко Караџовски, информира дека анализата на епидемиолошките податоци во последниве три дена кога имаме драстично зголемен број позитивни лица укажува дека одредени настани се главната причина за поголемиот број случаи, како на пример, концертите, журките...

- Причина се групирањата и непочитувањето на мерките или непочитување во таа смисла што никој не носеше маска. Значи, тоа што постојано го кажуваме како наша препорака е дека држење дистанца од два метра, носење заштитна маска и дезинфекција на рацете се основните мерки за да нема случаи. Очигледно, во периодот што е зад нас, тоа не се почитуваше и тоа е факт. Голем дел од овие анкети со самиот факт што инфицираните се на возраст меѓу 20 и 39 години, ни кажува дека тоа се луѓе кои биле таму каде што може да се направи журка, настан, промоција, во некој локал во кој не се почитуваат мерките. На прашањето што се случува во Европа, не треба ние да бидеме премногу паметни да речеме дека имаме типичен есенски бран на ковид. Ние ова го предвидовме уште пред 4-5 месеци, и министерот и комисијата, неколку пати кажувавме дека ќе дојде тој есенски бран. Ако ме прашате епидемиолошки, јас мислам дека есенскиот бран малку подрани, во смисла дека временските услови не се такви да имаме групирање строго во затворен простор, меѓутоа, со доаѓањето на сезонскиот грип, оваа шанса за зголемување на бројот поради групирање ќе биде поголема. Поради сето тоа и поради ова што беше речено претходно, предложивме до главниот кризен штаб, до министерот и до Владата да се усвојат два сета мерки. Едните би се усвоиле во текот на следната недела преку собраниски измени на Законот за заштита на населението од заразни болести, а вториот сет мерки в понеделник ќе им ги презентираме на главниот кризен штаб, на премиерот и на Владата.

Д-р Караџовски апелираше на почитување на мерките.

- Ве молам, и медиуми и население, самите ако не си помогнеме, не може да ни помогнат уште 500 доктори, 500 сестри, 20 болници. Сето тоа ќе се исполни брзо. Бараме помош од сите, медиуми, политички партии, широко население. Јас би апелирал на широкото население. Да ги почитуваме мерките поради фактот дека тоа го правиме за нас, нашите најблиски, нашите фамилии. Непочитувањето на мерките ќе нè одведе до огромен број на заболени, ќе нè одведе до преполнување на болничките капацитети. Ние може да правиме ротации, и колегите да ги праќаме од една установа во друга, меѓутоа, бројот на тие луѓе е ограничен. Ние не можеме да измислуваме нови епидемиолози, нови инфектолози. Дајте да се здружиме сите заедно, како мерка која може сите заеднички да ја спроведеме.
Во моментов, на прашањето дали размислуваме за полициски час, вонредни состојби, нешто друго, одговорот би бил не - истакна д-р Караџовски.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје