Тешко е да се изброи колку пати доаѓаме во физички контакт со други луѓе во еден ден или една недела. За многумина што се во изолација овој период можеби е најдолгиот во животот во кој немале физички контакт со друго лице. Екстремните мерки што треба да ги почитуваме се привремена промена, но со оглед на тоа што пандемијата не стивнува, можеби ќе се соочиме со проблем како да се вратиме во нормала потоа.
Со месеци вежбаме одржување физичко растојание и беше тешко да го промениме животот на кој бевме навикнати. Во многу култури е нормално ракувањето или гушкањето, а сега можеби сите тие навики мора да престанат. „Воздушниот“ бакнеж кој го сакаа Французите може да биде начин на пренесување зараза, а топлата прегратка на Италијанците е потенцијално премногу опасна.
Робин Данбар, професор на Универзитетот во Оксфорд, вели дека ќе биде тешко да се одвикнеме од ваквите навики.
- Физичкиот контакт е дел од механизмот што го користиме за да воспоставиме односи, пријателства и семејни врски - вели тој.
Фото: Pixabay
Тоа е поради нашата историја како примати. Галењето на влакнестата кожа го активира системот за лачење ендорфин во нашиот мозок, а поради тоа се чувствуваме пријатно и позитивно. Веројатно ќе има збунетост и загриженост додека се обидуваме да се приспособиме на новата нормалност.
Кери Купер, професор на бизнис-школата во Манчестер, објаснува дека допирањето или шепотењето во ушите на луѓето веројатно ќе исчезне на одреден период. Комуникацијата ќе биде покомплицирана, а луѓето можеби погрешно ќе ги толкуваат работите бидејќи нема да ги испраќате истите сигнали како порано.
Меѓутоа, веќе гледаме начини на кои новиот дистанциран свет можеби ќе функционира, а тоа е од телевизиските програми. Емисиите прикажуваат како водителите седат на растојание од колегите и гостите. Освен тоа, препознаваме промена во перцепцијата кога гледаме програми што биле снимени пред пандемијата. Чувствуваме непријатност во стомакот кога гледаме сцени од преполни барови, ноќни клубови и трговски центри, а тоа покажува дека нашиот мозок се менува за да ги прифати новите навики.
Според истражување спроведено во Велика Британија, само 7% од Британците сакаат затворените фирми повторно да се отворат доколку вирусот не биде потиснат целосно, додека 17% силно се борат против враќањето во нормала. Слични податоци се добиени и од анкети во Австралија, САД, Канада, Франција, Бразил и во Кина.
Бавна Јани-Неганди, клинички психолог, вели дека пандемијата го смени животот, особено начинот на кој остануваме социјално поврзани.
- Луѓето одговорија на предизвикот и се обидоа да ги одржат социјалните врски на креативен начин, но во исто време беше различно и може да биде тешко да се приспособат на новите начини на социјализација - вели таа.
Во историјата, кога првпат се појавил вирусот ХИВ, а со него и СИДА, постоеле предрасуди против оние што биле позитивни на вирусот. Многу луѓе се плашеле дека може да добијат ХИВ дури и со ракување, и покрај научните докази против тоа. На сличен начин, заболените од туберкулоза доживуваат предрасуди во разни облици, а постои и долга историја за протерувањето на луѓето со лепра. Сепак, ставовите се менувале со текот на времето.
Фото: Pixabay
Доколку се појави долгоочекуваната вакцина за коронавирус и физичкиот контакт стане безбеден, колку долго ќе траат новите стандарди за физичко растојание? Според Данбар, промените веројатно ќе се надминат за одреден период. Првичниот страв и одбивност од физичкиот контакт веројатно набргу ќе им отстапат место на практиките на кои сме навикнати од раѓање.
Веројатно ќе има разлики во ракувањето, но според Данбар, можеби луѓето прерано му го предвидуваат крајот на овој начин на поздравување бидејќи тој ни е вкоренет. Со тоа се согласува и Купер.
Сепак, луѓето можеби ќе жалат за загубеното. Стравот од непознатата и невидлива закана ќе продолжи да нѐ загрижува секогаш кога ќе тргнеме да прегрнеме некого. Но пред да започнеме да жалиме по она што може да го изгубиме, вреди да се размисли за тоа што може да го добиеме. Првиот бакнеж може да биде посилен затоа што добива ново значење, а авионите може да станат попријатни.
За оние што се грижат за
недостигот на физички контакт, Данбар има неколку надежни зборови.
- Допирот не е единствениот механизам што се користи за физичко поврзување - вели тој.
Еволуцијата ни дала други начини да почувствуваме врска со другите што исто така го поттикнуваат лачењето на ендорфин.
- Тоа се работите како смеата, пеењето, танцувањето, раскажувањето приказни, верските ритуали итн.
Значи, иако сè уште треба да бидеме внимателни во врска со физичкиот контакт, одржувањето физичко растојание не мора да значи дека не може да се чувствуваме блиски со другите.
Автор: Крис Стокел-Вокер
Извор:
Би-би-си