X
 16.10.2023 Живот

Црвени рози за маратонците во чест на Тоше во Крушево

Со црвени рози и многу сеќавања крушевчани денеска напладне ќе ги пречекаат маратонците што трчаат до Гумење во Крушево во чест на нашата и балканска музичка ѕвезда - Тоше Проески. Пред 16 години, на 16 октомври 2007 година, Тоше го загуби животот во сообраќајната несреќа што се случи кај Нова Градишка, Хрватска.

Маратонците своето трчање го почнаа во Нова Градишка. Напладне ќе пристигнат и ќе се поклонат пред неговото вечно почивалиште на Гумење во Крушево. Низ улиците до Гумење крушевчани ќе ги пречекаат со црвени рози. Тоа е традиција што ја воспоставија учениците од средното крушевско училиште „Наум Наумоски - Борче“.

Спомен-куќата на Тоше на Гумење ги пречекува многубројните посетители и фанови кои и годинава ги има од сите краишта.

-16 октомври е ден кој носи многу тага, солзи и неверување за сите што го познававме, го сакавме и сѐ уште го почитуваме. Во Спомен-куќата ќе биде претставена Тактилната изложба на музејски предмети, со објаснување со Брајовото писмо. На овој начин на денот кога пред суровата реалност затвораме очи пред фактот дека Тоше го нема, заедно со слепите лица ќе имаме можност да ги допреме, тактилно, неговиот лик, неговиот манастир, неговите гитари и многу други музејски предмети, дел од поставката во Спомен-куќата - вели директорката на Спомен-куќата „Тодор Проески“, Лефкија Гажоска.

Извор: МИА

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот