Слушаш ли, Тоше... Се срамам да се вратам во реалноста. Дванаесет години иста слика. Лимен покрив, пластифицирана плоча, цвеќиња, мечиња и твои фотографии, опкружени со железни столбови и најлон. Тоа е декорот на твојот вечен дом
Пишува: Соња Алексоска-Неделковска, новинар и автор на книгата „Ова не е крај“
Денеска ќе ти запалам свеќа, за спокој на твојата душа. Ќе погледнам горе во синилото, во ситните смрзнати капки, сплотени во најмагичната, недопрена убавина, облаците. Во мене секогаш будат некое неверојатно чувство. Секој поглед кон нив ми отвора прозорец од некој друг свет. Перцепцијата на моите неврони добива некоја нова димензија. Во некој разлеан облак ќе ја препознам твојата насмевка, а во некој ситен и темен - твојот длабок поглед.
Слушаш ли, Тоше... Се срамам да се вратам во реалноста. Дванаесет години иста слика. Лимен покрив, пластифицирана плоча, цвеќиња, мечиња и твои фотографии, опкружени со железни столбови и најлон. Тоа е декорот на твојот вечен дом.
Ти организираа достоинственото испраќање. Нивна желба беше да ти изградат и спомен-обележје. Прости ми што им верував. И мене ме излажаа. Не успеаја, или не сакаа, ниту по три, пет, десет години. Истражував, се карав, пишував, се влечкав по министерски кабинети, се убедував со моќниците. Толку можев.
Ама, ти изградија прекрасна Спомен-куќа, едноставна, необична, но многу значајна за Крушево, за фановите, за нашата земја.
Слушаш ли, Тоше... Сега се на власт други. Му се обратив на најглавниот, писмено. Веднаш ми одговори дека заслужуваш достоинствено почивалиште и дека ќе почнат со подготовки. Дури и ме консултираа. Им ја кажав само вистината. Твоето семејство не бараше милионски вреден гроб. Ниту антички столбови ниту црква меѓу нив. Тоа беше идеја на некој друг. Новото идејно решение за твојот вечен дом е готово. Пак чекам...
Соња Алексоска-Неделковска
Ама, „Арената Филип Втори“ ја нарекоа по твоето име. И ги налутија комитите, кои заборавија во еден миг дека и ти беше воин. Војуваше со песна, а луѓето ги спојуваше со љубов. Не им се лутам. Им се воодушевувам на страста и љубовта кон спортот, македонските клубови и репрезентации.
Слушаш ли, Тоше... Манастирот „Преображение“, твојот изгор, неспокој, непребол, желба и мечта од дете, станува таков како што посакуваше. Секој ден твоите прво го посетуваат гробот, па одат во манастирот да најдат трошка спас за нивната распарчена душа. Боли, многу боли. Но, има и такви што не сакаат да ја препознаат таа болка. Пред четири години ми се јави една госпоѓа и ми рече: „Ако може да му кажете на семејството Проески да се тргне од манастирот, таму има отец“. Брзо се созедов од шокот. „Госпоѓо, кога одам во црква или во манастир, палам свеќи за Господ, за народ, за мене и за моето семејство. Тоа значи дека Божјиот објект е мој, на семејството и на народот. Во овој случај манастирот е на Тоше, неговото семејство и на народот. Дали, на црковното лице за кое тврдите дека му припаѓа манастирот некој му брани да ја извршува должноста во него?“ Слушам само тивко „не“. „Дали поради Тоше, пристигнуваат донации за неговата изградба? Дали неговото семејство вложува во овој свет објект?“ Слушам уште потивко „да“. КРАЈ
Слушаш ли, Тоше... Пет години поминаа откако излезе книгата за твојот живот „Ова не е крај“. Повеќе од 80 луѓе споделија спомени за тебе. Бев и во Хрватска кај твоите соработници. Дури тогаш сфатив колку е тешко да влезеш на нивна територија. Многумина од нив не заслужуваат да ги споменам. Освен Никша Братош. И Тони Цетински. На мојот повик веднаш од Љубљана пристигна во Загреб. Разговорот го почна со солзи во очите. „Зошто не умрев јас, туку Тоше. Тој беше совршенство. Кога ќе го погледнев него, па себеси во огледало, сфаќав колку сум несовршен“. Веројатно му е криво што несовршеноста на неговиот карактер во еден миг ја почувствува и ти. Знам, му прости.
Книгата од неодамна е достапна во аудиоформа и за лицата со оштетен вид, проект на Сојузот на слепи лица. Ја финансира Министерството за култура. Се израдував, иако дознав од медиумите. Според Законот во оваа држава, требаше да им дадам авторска согласност. Веројатно се уплашија да не им барам пари. Штета. Немаше да им побарам ниту денар. Ќе го следев твојот пат. Децата со посебни потреби беа твоја слабост. Паметам, еднаш не можеше ниту да стоиш, а не пак да пееш. Те држев под мишка за да седнеш на столче. Најде сила и се појави на сцена, на уште еден хуманитарен концерт. Му се лутам на Министерството за култура. Овде во оваа држава, за авторите нема правда, нема мир.
Слушаш ли, Тоше... Пред неколку дена се одржа „Макфест“. И ти пееше на овој фестивал. Беше младо момче. Само што тргна по патот што го сони, лево љубов, а десно музика. Дојдов во хотелската соба да те видам. Имаше само еден проблем. Како да ги сокриеш младешките мозолчиња на лицето. Ти никогаш не сакаше да купуваш билети, да фаќаш врски кај жирито за да освоиш награда. Ти сакаше само да пееш.
Слушаш ли, Тоше... или не? Не знам. Некои велат дека душите на луѓето што го напуштаат овој свет се кријат некаде таму, зад облаците. Но, во едно сум сигурна. Денеска, 16 октомври, во 6 и 20 крикот од тага на твоите најмили ќе ги пробие и облаците. Тешко е кога животот е песна од солзи и кавал од тажни свирки.