X
 16.10.2023

РК Алкалоид утре почнува со натпреварите од групната фаза на ЕХФ Европската лига

Ракометниот клуб Алкалоид е пред својот прв европски предизвик во клупската историја. Благодарение на освоеното второ место во македонската Суперлига минатата сезона, клубот се избори за право да го претставува македонскиот клупски ракомет директно во групната фаза на EHF Европската лига, второ по квалитет натпреварување во Европа, зад Лигата на шампионите.

Натпреварите од групната фаза на EHF Европската лига почнуваат од утре (17.10.2023).

РК Алкалоид е во групата со екипите на РК Бјерингбро Силкеборг од Данска, Логроњо Ла Риоха од Шпанија и првиот гостин во Скопје, екипата на РК Војводина, повеќекратен првак на Србија.

РК Алкалоид денеска организираше прес-конференција, а пред големиот број медиуми од Македонија и од Србија, за значењето на настапот во EHF Европската лига, амбициите на клубот и очекувањата од утрешниот натпревар, говореа тренерот на екипата Кирил Лазаров и капитенот Игор Ѓоргиев.

-Ова е историски натпревар за нашиот клуб. Минатата година успеавме да направиме голем успех и да се пласираме во Европската лига на ЕХФ, во втората година од нашето постоење. Тоа е второ по квалитет натпреварување во Европа, по Лигата на Шампионите и тоа за нас значи многу, затоа што лани имавме екипа само со македонски играчи. Ќе се обидеме да бидеме компетитивни во натпреварувањето кое е рамо до рамо во Лигата на шампионите и тука има екипи кои многу пати низ историјата играле во елитата. За нас ова ќе биде голем предизвик, посебно за младите македонски играчи и се надевам дека достојно ќе се презентираме - изјави тренерот Кирил Лазаров.



-Го имаме првиот ривал Војводина, победник на EHF Куп, третото европско натпреварување на ЕХФ минатата сезона. За да се победи во кој било европски куп мора да бидете квалитетни. Оваа година Војводина донесе двајца Тунижани, го имаат Воркапиќ, кој е еден од нивните подобри играчи, тука е и Сунајко, унгарски интернационалец и репрезентативец, потоа белорускиот репрезентативец Пуховски, Словенецот Оцвирк… тоа доволно говори со каков противник треба да ги одмериме силите. Македонската јавност во следниот период ќе ужива во овие мечеви, а ние како клуб ќе се обидеме да ги оправдаме очекувањата и да го дадеме најдоброто од себе. Очекувам квалитетен меч, се надевам дека играчите ќе одговорат на предизвикот. Максимално ја респектираме Војводина, но ако бидеме на потребното ниво, ќе се отвори можност за изненадување - изјави Лазаров.

Капитенот на екипата, Игор Ѓоргиев во своето обраќање до јавност, изјави:

„„Ние сме млада екипа, а по ланскиот успех во македонското првенство во кое завршивме како вицешампиони, ни следи нов голем предизвик, тоа е Европската лига на EHF. Прв ривал ни е РК Војводина, актуелен првак на Србија, екипа составена од квалитетни играчи.
Како капитен на екипата, можам да кажам дека сме подготвени и дека играчите се мотивирани, со желба за докажување.
За нас овие натпревари ќе бидат едно големо искуство. Би сакал да испратам порака до македонската јавност и публиката да дојдат и да не поддржат.“.



Натпреварот ќе се игра во салата „Јане Сандански“ во почеток од 20:45 часот. Билети за натпреварот можат да се набават преку продажната мрежа на MKTickets.

(Комерцијална објава)

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk