X
 25.04.2018 Образование

Практикантска обука во „Алкалоид“ за студенти на Фармација и на Хемија

Компанијата „Алкалоид“ потпиша Меморандум за соработка со Фармацевтскиот факултет и со Институтот за хемија при Природно-математичкиот факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Меморандумот опфаќа соработка во програмата за практикантство преку која од јуни 10-15 студенти од трета и од четврта година ќе бидат вклучени на практикантски обуки во компанијата.
Обуките ќе траат по 3 месеци.

- Овој Меморандум за соработка ќе им даде шанса на студентите многу порано да влезат во работењето на „Алкалоид“, уште во фазата на студирање. Целта е да се поттикне развојот на креативноста кај студентите, нивното лично и професионално профилирање, како и подготвеноста за соочување со идни професионални предизвици. Со овој проект, ние како компанија во соработка со највисоките научно-образовни институции во земјава сакаме да им овозможиме на младите талентирани и амбициозни студенти стекнување и практикување нови вештини во реални процеси во рамките на компанијата. Студентите ќе добијат и сенс што значи да се работи во реалниот сектор - рече генералниот директор и претседател на Управниот одбор на „Алкалоид“, Живко Мукаетов, денеска при потпишувањето на Меморандумот.



Проректорката за финансии на УКИМ, проф. д-р Билјана Делова, кажа дека ова е добар пример како функционира соработка меѓу компанија и универзитет – два препознатливи бренда.
  - Со оваа соработка студентите ќе можат подобро да се вклопат на пазарот на труд - додаде таа.

Деканот на ПМФ, Ицко Ѓоргоски, потенцира дека нема поубав начин да се задржат студентите да работат во Македонија. На студентите што ќе бидат избрани за програмата за практикантство ќе им биде доделен обучен ментор, а матичниот факултет ќе им зададе практичен проект кој ќе треба да го завршат во рок од три месеци. По завршувањето на практикантската задача, студентите ќе треба да ги презентираат добиените резултати, кои ќе бидат евалуирани од стручните ментори од компанијата и од претставници на образовната институција.
Подготвил: Наташа Бошковска - Златкова /natasa.boskovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование