X
 16.12.2018 Живот

Се продава остров на кој живеат пет вида пингвини, фамилијата чека понуди

Островот Пебл е во сопственост на фамилијата Дин веќе 150 години, но потомок на оригиналниот купувач, Сам Харис од Пембрукшир, Велика Британија, вели дека дошло време да го продадат.

Островот може да се пофали со пет различни вида на пингвини, 42 видови на птици, морски лавови, 6.000 овци и 125 говеда.

-Тоа е неверојатно место, за жал стана претешко да управуваме со него - вели Харис.

Фото: BBC

Со текот на годините фамилијата ги продала островите и им останал само Пебл. Уште од 1950-ите години на островот не живееле членови на фамилијата, а со него сега управува мајка му на Харис, Клер. Таа тоа го прави од Велика Британија.

Островот е дел од Фолкландските острови, а фамилијата го поседува од 1869 година, кога бил купен за само 400 фунти од страна на Џон Каркам Дин, заедно со неколку околни острови.

Фото: BBC

Харис објаснува дека целата фамилија го посетила островот. Тој и неговата сопруга Лори биле во 2011 година, мислеле и да се преселат таму, но не можеле поради децата.

-Ќе биде тешко да се каже збогум - вели тој.

Островот е долг околу 20 милји, а е широк околу 4. Има мини планински венец, езера, гребени и плажа со чакал по која островот го добил името. Дом е на успешна фарма со овци и говеда, создадена кога бил купен островот, а има и колиби за туристи, турбина на ветар и соларни панели.

Фото: BBC

Харис вели дека фамилијата нема одредено цена, но би сакале островот да го купи некој кој се интересира за сточарство.

-Бевме во агенција за недвижности за да го оценат, но не можеа затоа што го поседуваме многу долго. Па, отворени сме за понуди - вели Харис.

Сем Харис со фамилијата на островот
Фото: BBC

Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот