X
 05.01.2017 Култура

Фејсбук забрани фотографија на статуа од Нептун, стара 500 години


Користењето на фотографијата не е одобрено затоа што е спротивно на одредбите за огласување пропишани од Фејсбук, заради, како што наведуваат, „сексуално експлицитна содржина, како и прекумерен степен на голотија“.

Статуа од Нептун

Фејсбук деновиве е мета на критики откако нивниот софтвер ја блокираше фотографијата на статуата на Нептун од 16 век, што се наоѓа на плоштадот Piaca del Netuna во италијанскиот град Болоња, тврдејќи дека е сексуално експлицитна содржина.

Елиса Барбари, локална уметничка од Болоња, ја избрала фотографијата од статуата на Нептун со трозабец во раката како илустрација за фејсбук страната „Приказни, занимливости и погледи на Болоња“. Меѓутоа, според софтверот, оваа фотографија ја крши политиката на овој (деловен) гигант.

„Користењето на фотографијата не е одобрено затоа што ги крши одредбите за огласување на Фејсбук. На неа е претставена сексуално експлицитна содржина, како и прекумерен степен на голотија. Употребата на фотографии и видеа со голотија не се дозволени, дури ни за уметнички или едукативни цели“, се наведува во соопштението од Фејсбук.

Барбари за британскиот Телеграф изјави дека била вчудовидена и на својата фејсбук страна напишала „ДА за Нептун, НЕ за цензурата“.

„Сакав да ја промовирам страницата, но се чини дека за Фејсбук статуата е сексуално експлицитна слика што прикажува премногу кожа. Тоа не е нормално“, вели таа. „Како може да се цензурира уметничко дело?!“

Статуата е создадена во 1560-тите од страна на фламанскиот уметник Џовани да Болоња и се наоѓа на плоштадот во Болоња речиси 500 години.

„Во текот на педесеттите години од минатиот век, властите го покриваа Нептун при школските прослави. Можеби и Фејсбук би сакал да ја облече статуата повторно“, истакнува Барбари.

Откако оваа приказна стигна до меинстрим медиумите, од Фејсбук испратија извинување со ветување дека ќе дозволат рекламирање на страницата на Барбари.

Ова не е првпат Фејсбуковиот софтвер за цензура да се најде на мета на критиките. Минатата година еден Норвежанец бил принуден да ја тргне фотографијата „Терор на војната“ што во 1972 беше наградена со Пулицер, а на која е прикажано мало голо девојче како бега пред напалм бомбите.

И во тој случај Фејсбук тврдеше дека фотографијата ги крши правилата за голотија, за потоа да ги повлече тврдењата со извинување дека компанијата ја препознава историската важност на фотографијата.

„Станува збор за тешки одлуки и ние не сме секогаш во право“, напишал еден од челниците на Фејсбук во таа прилика.

Во јануари 2015, компанијата беше обвинета за цензура на фотографијата на статуата „Малечката сирена“ од Копенхаген со објаснување - „се гледа гола кожа и има сексуална конотација“.

Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура