Поминуваме покрај нив секој ден. Понекогаш на кратко фрламе поглед на нив или само несвесно се загледуваме во излогот, гледајќи го сопствениот одраз врз стаклото. Но тие се секогаш тука. Нејзиното височество – куклата во излог.
На почетокот на 20 век продавачите ја разбраа потребата од кукла облечена во актуелна облека што ќе биде изложена во излогот на продавницата. Оттогаш и започнала употребата на кукли со ваква намена.
Најпрво се изработувале од метал, а потоа и од восок, но металните се покажале тешки за манипулација, а восочните со текот на времето се растопувале под влијание на сончевите зраци врз излогот.
И сè така до појавата на Лестер Габа.
Тој се родил во Мисури, не покажувајќи интерес за семејната продавница, почнал да се занимава со цртање. На своја 10-годишна возраст се пријавил на натпревар во изработка на скулптури од сапун и иако не победил, се одлучил тоа да му биде идна професија.
Студирал на ликовната академија во Чикаго и набрзо се вработил во „Balaban&Katz Theatre Corporation“ (денешното познато „Paramount Studio“) како цртач на постери за театарските претстави. По извесно време се преселил во Њујорк, каде почнал да креира женски фигури од сапун. Таму дошол до идеја да почне со креирање на женско тело во природна големина, изработено од пластика, кое би се користело во излозите на продавниците за облека.
Така во 1932 година се појавила првата кукла за излог, иако тогаш и не почнало со нивна масовна примена. Сеедно, вниманието веќе било освоено.
Првиот примерок на кукла што ја создал Габа ја нарекол
Синтија. Ја креирал водејќи сметка за многу детали: бил свесен дека кожата на вистинска жена не е потполно мазна и совршена, ѝ додал пеги, бенки и понекоја брчка. Синтија имала и нокти и тоа со убав маникир, веѓи, трепки и нацрвени усни. Редовно ја носел на фризер кој се грижел за волуменот на нејзината коса и формата на нејзините локни.
Габа се обидел во тоа парче пластика да внесе, пред сè малку човечност, но и женственост. Тој со себе ја водел во кафеани, во дружење со багаташи, во театар, модни салони... така многу брзо „Gaba Girl“, како што ја нарекуваа Синтија, станала вистински хит меѓу Американците.
За да се разбере оваа еуфорија, мора да се потенцира дека станува збор за годините по завршувањето на Големата војна, кога се зацврстува свеста на обичната жена и кога почнува нивното поголемо учество во општествениот живот.
Синтија ги добивала најубавите фустани, најубавиот накит, имала резервирано седиште во театар, имала своја колумна во познатиот магазин „Life“, била канета на радио емисии... Добивала милиони писма, молби да се запознае со обожувачите, дури и во 1937 година добила покана за венчавката на Едвард Осми и Волис Симпсон. Се обидела и како актерка во холивудскиот филм „Artist and Models Abroad“, една година подоцна. Ја фотографирал и Алфред Ејзенштад , најпознатиот во тоа време. Синтија добила и насловна страница во „Life“ магазинот.
Првата пластична кукла го доживеала својот крај во 1942 година, кога паднала од столица во козметички салон. Набрзо новинарите ја пренеле веста за нејзината „смрт“, а Габа бил надвор од себеси. Одлучил веднаш да ја репарира и да ја врати меѓу „живите“.
Меѓутоа, во декември истата година бил мобилизиран во војска, каде заминал со убедување дека „Синтија е привремено пензионирана, а тој штом ќе се врати, ќе ја воскресне“.
И навистина, направил обид тоа да го реализира во 1953, но без успех. Синтија веќе била „мртва“.
Во една прилика, Габа изјавил дека Синтија никогаш и немала смисла („Cynthia never made any sense“). Но, и покрај тоа, Синтија имала цел - била првата пластична кукла во излог.