Многумина ја знаат рок обработката на песната од Балашевиќ „Рачунајте на нас“, но ретко кој слушнал за групата што ја изведе – Заклонишче Препева.
Станува збор за словенечка група од Нова Горица, основана во 1994 година. Групата настанала како рок бенд на музички истомисленици, кои пораснале слушајќи ги „The Clash“, „Sex Pistols“, „Ramones“ и југословенската рок музика.
Во тоа време биле една од ретките групи во Словенија кои музиката ја доживувале како медиум за изразување на своите ставови за случувањата во земјата и пошироко, а не само како секојдневен аудио-визуелен занает.
Главниот „штаб“ на бендот се наоѓал во атомското засолниште на едно основно училиште, па оттаму и името „
Заклонишче Препева“ или во превод:
Засолништето пее.
*Својот прв албум, Нешто како Џими Хендрикс, го објавиле во 1996.
*По две години излегува и вториот албум: Ново време – стари дилеми, каде се наоѓа и споменатата обработка на генерациската химна на Балашевиќ, што настанала како своевиден протест против националистичката еуфорија и неолибералното, капиталистичко државно уредување.
*Во 1999 го објавуваат албумот „Гласајте за нас“. Спотот за истоимената нумера бил забранет на словенечката национална телевизија. Имено, измислениот лик, Крадимир Пендрековиќ, многу потсетувал на некои кандидати на изборите во 2000.
*Следниот албум – „Селам алејкум“ (2004) го снимиле во Загреб, а како ко-автор се јавил Елвис Џ.Куртовиќ. Овој албум, освен насловната нумера, е обележан и со југоносталгичната песна „Ин мемориам“.
*По повод 15-годишнината од постоењето, во 2009 издаваат двоен албум со најголемите хитови, под наслов „Боље не бо николи“, а пет години подоцна го објавуваат албумот „Само да проџе демократија“.
Стиховите во песните на овој словенечки бенд најчесто им се на тема политика и општествени проблеми. Тие застануваат во одбрана на универзалните антифашистички вредности, се борат против ревизијата на историските текови и обидот да се промени колективното помнење на народот.
Самите себе отворено се нарекуваат југоносталгичен бенд. Интересно е дека пеат на српско-хрватски јазик, поради што не им се миленици на словенечката публика. Сепак, ни тоа не ги спречи да се стекнат со статус на култен бенд.