Фото: © AFP
Забраната за јавно емитување авторски музички дела од репертоарот на Здружението за заштита на авторските музички права прекинува денес, донесе одлука Собранието на ЗАМП. Трговските радиодифузни друштва од утре (3 февруари) ќе можат да продолжат со емитување музички дела од репертоарот на ЗАМП.
- Со оглед на тоа што истекоа сите законски рокови да почне со работа новоформираното здружение СОКОМ МАП, надминати се сите опасности кои се закануваа да го обезвреднат авторскиот труд, авторските права и музичките дела на авторите од земјава. ЗАМП им се заблагодарува на трговските радиодифузни друштва кои докрај ја испочитуваа забраната и со тоа дадоа безрезервна поддршка на авторите да ги остварат нивните загарантирани уставни и законски права – стои во одлуката од собранието, каде додаваат дека се благодарни и на здруженијата од регионот од кои добиле поддршка за забрана на емитување на авторски музички дела од нивниот репертоар во земјава.
-Авторите чии права ги штити ЗАМП, свесни дека со забраната ги лишија македонските корисници од задоволството да слушаат домашна музика, се уверени дека никогаш повеќе нема да се повтори таков чин, кој беше израз на револт против незаконските постапки на надлежните институции – велат од ЗАМП.