Филип Динев на синоќешното затворање на фестивалот „Џез Фабрика“ (1-3 јули) во Битола, настапи со своето трио и притоа му беше врачена наградата за „Најдобар млад џез-музичар“ за 2020 година кај нас
Со амбиција да се биде одличен по секој предмет и со афинитети кон бројките и пресметките, на гевгеличанецот Филип Динев дури по завршената првата година на Машинскиот факултет во Скопје му „светнало“ дека не му е таму местото и притоа одлучил да студира музика. Тој има големо музичко влијание од дома, каде татко му Костадин е член на култната македонска група „Зијан“, а со музика се занимава и неговиот брат Гишо.
По завршените студии на џез катедрата на Универзитетот Гоце Делчев во Штип, Филип моментално е на мастер-студии во Хамбург, на „Hochschule für Musik und Theater - Hamburg“, на програмата „Dr. Langner Jazz Master“, каде бил еден од четворицата примени.
Филип неодамна го издаде својот дебитански албум „Szvetlo“, патем снимен со триото во кое се и Французинот Пјер Мартин и Унгарецот Дани Ардај, а за неговиот пробив на џез-сцената доволно говори и наградата за “Најдобар млад џез музичар“ што ја доби од фестивалот „Џез фабрика“ во Битола.
-Гитара почнав да свирам на околу 12 години и прв риф ми беше „Come As You Are“ од Нирвана. Освен гитара, имав голема желба да свирам тапани и да грувам на електричен бас. Последно мислам дека свирам повеќе тапани од гитара. Некои го викаат „пост ковид синдром“. Татко ми и брат ми имаат најголемо влијание, нормално. Кога бев многу мал постојано си носев една касета од „Зијан“ со мене, ми беше многу мила и ги терав сите да ја пуштат кај и да одевме, хаха. Пример, во слаткарница.
Во Штип: Kафе и муабет кај тетка Жаки, свирење со колегите...
Филип пред да стапне на џез студиите во Штип, сето теоретско музико познавање го стекнал речиси сам. Хармонијата, како омилен предмет, збиранките после предавањата и свирењето со колегите дополнително му помогнале во градењето како музичар.
- Би кажал дека пред да се запишам во Штип, музичко образование го стекнав делумно сам, со свирење и разговор со другари музичари и со малку приватни часови. Деведесет и девет проценти од музичката теорија се предава доста брзо, но да се апсорбира и практично употреби, треба малку повеќе време.
фото: Christina Körte
- Џез катедрата во Штип е со многу мала и со мал број на професори, така што, сите ми се мили и имаат влијание. Ванче Хараламповски се уште држи одлични предавања и вежби по хармонија и солфеж. Тоа дефинитивно помогна. Хармонијата од секогаш ми била драга дисциплина. Со професорот Тони Китановски имавме доста дискусии за вкус и естетика. Има едно убаво место, веднаш под факултетот, кај тетка Жаки, слатко турско кафе и муабет со колеги. И тоа помогна, хаха. Свирењето со малкуте колеги помогна најмногу...
Во Хамбург ме примија како еден од 4 студенти во годината
Во четвртата година од студиите и благодарение на програмата „Еразмус+“, Филип првин заминал на размена на студенти на академијата „Франц Лист“. Со музичари од таму го формирал трио и со истото го снимил деби-албумот „Szvetlo“. Од претстојот во Будимпешта му се родила идејата за мастер-студии во некоја друга земја, а изборот паднал на Германија.
- По завршувањето на два семестри во Будимпешта, се одлучив да пратам некаде апликација за мастер-студии. Случајно пратив во Хамбург, на „Hochschule für Musik und Theater - Hamburg“, на програмата „Dr. Langner Jazz Master“ и бев селектиран за аудиција. Се качив на воз во Будимешта, отидов на аудиција во Хамбург и испадна дека ме примија, како еден од 4 студенти во годината. Се работи за доста „престижна“ програма која се` повеќе и повеќе зема замав во Европа и пошироко.
фото: Ѓорги Вацев
Германија нуди повеќе можности за млади музичари од кај нас
Организираноста на основните работи со кое се олеснува студентскиот живот, е главната разлика во студирањето на таков престижен оддел во Хамбург и на многу други места, вклучувајќи ја и Македонија. Конкуренцијата таму е огромна и се запишуваат веќе одлично подковани музичари. Филип таму е на магистарски студии по џез-гитара и вели дека се гледа крајот на студиите.
- Студирањето музика, конкретно џез музика, во Европа е различно. Стандардите се повисоко поставени и основните постулати на образованието се почитуваат. Прво, најголемиот шок е што горе-долу сите студенти, уште во прва година свират на многу високо ниво. Организација, администрација, програма, задолжителни концерти и ансамбли, можности за социјализација и соработка со колеги, мастеркласови, концертни сали... Сите се доста сериозни во поглед на „занаетот“. Секоја година има по нешто ново. Социјалниот аспект ми се чини дека е поздрав, има поголема комуникација помеѓу студентите и професорите.
фото: Mályinkó Lóránt
- Пред пандемијата беше доста активно со предавања во живо, проби, свирки, концерти. За жал, последните 2-3 семестри беа најмногу онлајн и сите се чувствуваме како дел од експеримент. Музички студии без музика, концерти, инспирација, луѓе, се покажа дека тешко оди. Сега сме во процес на ревитализација.
- Можности за млади музичари има дефинитивно повеќе од кај нас. Многу фестивали, биг-бендови, натпревари, школи, простор за социјализација и инспирација. За жал, немаше можност да се поминат овие искуства во последните година и половина. Би рекол дека постојано се инвестира и се има голем слух на ова поле. Но, да се живее само од ова е доста тешко. Има колеги кои го прават тоа, но се многу ретки.
фото (насловна): Mályinkó Lóránt