X
 03.02.2017 Култура

Пронајден тестаментот на Александар Македонски?

Еден историчар од Лондон тврди дека го пронашол тестаментот на Александар Македонски. Тој вели дека тестаментот цело време се наоѓал во текст кој ни бил пред очите.

aleksandar

Последните желби на македонскиот крал се однесуваат за иднината на грчко-персиската империја која ја создал, но и неговиот погреб и наследник, вели Дејвид Грант, кој десет години ја истражувал оваа тема.

Историчарите долго време верувале дека последното поглавје од античкиот ракопис „Александрида“ е всушност негов тестамент, но подоцна ја отфрлија оваа идеја, сметајќи дека ракописот е лажен. Сепак, Грант вели дека тоа е вистинскиот тестамент на Александар Македонски.

Според неговите истражувања, кои ги објавил во новата книга „In Search of the Lost Testament of Alexander the Great“, Грант вели дека неговиот оригинален тестамент за наследник го прогласува неговиот нероден син Александар IV и неговиот најстар син Херкале.

Генералите не биле задоволни со оваа одлука, па меѓусебно се бореле за власт за време на граѓанска војна, позната како „Војна за наследник на Александар“.

2

Грант вели дека оригиналниот тестамент е тајно променет и поделен во вид на флаер, бидејќи еден дел од генералите сакал да докаже легитимност за својата позиција, па сам го делел низ народот. Доколку Грант е во право, неговото откритие ќе промени се` што досега историчарите знаеле за тестаментот на Александар.

„Пропагандата во флаерот фрла сериозен сомнеж за автентичноста на тестаментот, кој во еден момент стана дел од книга која денес ја знаеме како „Aлександрида“. Кога стана дел од книга, тестаментот стана бајка. Меѓутоа, моето истражување ме наведе на заклучок дека флаерот е заснован на оригиналниот тестамент на Александар Македонски“, вели Грант.

Наместо да бидат задоволни што добиле можност да владеат во различни региони во име на синовите на Александар, генералите сакале да ја контролираат целата империја.

„Текстовите покажуваат дека ниту еден од генералите не би прифатил лидер кој потекнува од раса која лично ја покориле. Отфрлањето на тестаментот и тврдењето дека Александар починал без да остави тестамент за своите желби само му дале легитимитет на нивните подоцнежни активности“, додава Грант.

Александар Македонски бил еден од најуспешните освојувачи во историјата на светот. Непоразен во борбите, тој создал огромна империја која се протегала од Македонија до Персија, Египет, па и делови од Индија, на само 32 годишна возраст, кога починал.

Постојат само пет сведоштва за неговата смрт во Вавилно во 323 година пред нашата ера. Ниту едно не било напишано од сведок, и сите горе долу се спротивставуваат. Според едно сведоштво, Александар починал оставајќи го царството на најсилниот и највредниот генерал. Според друго, тој починал без збор во кома, без никакви планови за наследство.

Поради овие сведоштва историчарите го игнорирале тестаментот кој е наведен во книгата „Александрида“.

Сепак, Грант верува дека ова е вистинско сведоштво, бидејќи Александар обрнувал внимание на деталите, и токму поради тоа знаел дека неговите генерали се желни за моќ.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура