X
 09.02.2017 Наука

Мистеријата со „самовилските кругови“ во пустината Намиб


Необични кругови во пустината Намиб

Со години наназад „самовилските кругови“ во пустината Намиб беа една од последните  неразјаснети природни мистерии. Песочните кругови опкружени со висока трева, раширени во еднакви размери низ речиси 1.000 километри површина, долго време предизвикуваа збунетост кај научниците.

Меѓутоа, од неодамна научниците сметаат дека ја откриле вистинската причина на таа појава. Како што пишува „Си-Ен-Ен“, пред истражувањето објавенo во Nature, тие биле сериозно поделени според мислењата на оваа тема.

Од едната страна биле застапниците на „теоријата на термити“, според која подземните термити ги создаваат ваквите кругови. Основа на ваквите мислења биле истражувањата на екологот Кен Тинли од 1971 година, кој сметал дека круговите всушност се фосилизирани термитски могили.

Од другата страна се наоѓале застапниците на „теоријата на самоорганизација“, според која растенијата природно растеле во кругови, за максимално да ја искористат достапната влага и нутриентите од почвата. Оваа теорија датира од 2004 година.

Научниците од „Принстон“, Корин Тарнит, Хуан Бонакела и Роберт Прингл, сметаат дека сега е вистинското време за обединување на овие две теории. Тие прво создале математички модели за овој модел, а потоа и теренски ги тестирале. „И двете теории се интегрален дел на конечното решение.
Термитите ја уништуваат вегетацијата на могилите и создаваат оголени делови од пустината низ кои влагата продира во почвата. Растенијата потоа ги пуштаат своите корени за да ја искористат влагата, што предизвикува создавање на високи треви кои се кружно поставени, а се нарекуваат – самовилски кругови“, истакнува Бонакела.

Но, и оваа теорија има свои противници. Ехуд Мерон, професор на Универзитетот „Бен Гурион“ во Израел, вели: „Нивниот научен труд дава нов ветер во грбот на теоријата на термитите, но и понатаму остануваат некои неодговорени прашања. Првенствено станува збор за големите хексагонални самовилски кругови“. Тој додава и дека постојат самовилски кругови каде што нема термитски могили, што значи дека растенијата би требало да растат и по оголените делови.

„Контроверзната расправа за причините за настанување на самовилските кругови и понатаму продолжува да трае“, заклучува Мерон.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука