Хебрејскиот универзитет во Ерусалим во четвртокот објави откритие на нова пештера каде се наоѓале ракописите од
Мртвото Море, што е едно од најважните откритија поврзано со тој пишан материјал по нивното откривање пред шеесетина години.
Тие ракописи кои датираат од третиот век пред Христос до првиот век од нашата ера, се збир од речиси илјада пергаменти пишувани главно на хебрејски јазик, но и на арамејски и грчки, меѓу кои се и бројни книги од Стариот завет. Претставуваат најстари познати ракописи од хебрејската Библија.
Досега археолозите утврдиле дека ракописите кои ги пронашол бедуински овчар северозападно од Мртвото Море меѓу 1947 и 1956, во близина на археолошкото наоѓалиште Кумран, биле сместени во 11 пештери.
„Откривањето на 12-тата пештера би можело потполно да ги промени нашите сознанија за ракописите од Мртвото Море“, вели Орен Гутфелд, археолог на Институтот за археологија на Хебрејскиот универзитет во Ерусалим, одговорен за ископувањата.
Сместена западно од Кумран на окупираниот Западен брег, пештерата не содржи ракописи туку бројни докази за нивното некогашно присуство, особено парчиња од керамички садови во кои биле спакувани и кожни ленти со кои биле завиткани, истакнува археологот.
Пештерите со ракописите во голема мера биле ограбени во педесеттите години од минатиот век. Во пештерата се пронајдени и остатоци од други алатки од тоа време, што е доказ дека и таа ја имала истата судбина, стои во соопштението на Хебрејскиот универзитет.