Во март 2014 година, на прес-конференција на универзитетот „Харвард“ беше објавено дека физичарите стигнале до најзначајното научно откритие во 21 век. Пред неколку дена дознавме дека откритието било грешка.
Научниците изјавија дека бил пронајден доказ за гравитациски бранови со телескопот БИЦЕП2, кој се наоѓа на Јужниот пол. Гравитациските бранови се варијации во силата на гравитацијата низ вселената кои се главен доказ за потврдување на теоријата за Големата експлозија. Физичарите ширум светот го поддржаа откритието, а многумина предвидуваа дека трудот ќе доведе до Нобелова награда.
Меѓутоа, со текот на времето, некои научници изразиле скептичност, велејќи дека откритието можеби било само резултат од прашина распространета низ галаксијата.
Европската вселенска агенција штотуку објави ново истражување кое го дополнува претходното во кое се покажува дека ефектот на галактичната прашина навистина го повлекува сигналот на гравитациски бранови, со што не може да се потврди нивното откривање.
Што физичарите мислеа дека откриле?
Теоријата за Големата експлозија е модел кој го објаснува почетокот на универзумот. Во основа, таа вели дека пред приближно 13,8 милијарди години, сета материја која ја гледаме околу нас била сместена во една, екстремно густа точка. Одеднаш, таа започнала да се шири побргу од брзината на светлината и станала универзумот кој го знаеме денес.
Според теоријата, еден мал дел од секунда по Големата експлозија, универзумот се проширил со експоненцијално голема брзина, растејќи од нешто помало од атом до големина на голфско топче во еден момент, а потоа растела постепено. Ова е познато како космичка инфлација.
Некои пресметки предвидуваат доведување до нешто наречено гравитациски бранови. Како што се ширел универзумот, варијациите во силата на гравитацијата би биле сè пооддалечени и би предизвикале разлики во гравитацијата на многу поголеми размери.
До неодамна, имавме доказ за Големата експлозија, но не и за космичката инфлација.
Научниците долго барале физички доказ, а на 17 март, тим од четири научници објави дека го откриле овој доказ.
Со телескопот БИЦЕП2 на Антарктикот научниците гледале во маглив облик на светлина кој бил испуштен набрзо по Големата експлозија и сè уште се забележува низ универзумот.
Тие откриле препознатлива шема во облиците од светлината, што ја протолкувале како резултат од светлината која поминува низ гравитациските бранови додека патува низ раниот универзум пред милијарди години.
Како и да е, ова би можело лесно да биде предизвикано од едноставен прав. Научниците сметале дека ја земале предвид и прашината во своите пресметки, сè додека други научници не посочиле кон фактот дека тимот погрешно гледал во мапа која го покажувала количеството прав во различни региони од небото.
Кога тие ги објавиле откритијата во јуни, научниците признале дека теоријата со правта е можност. Во септември годината, истражување покажало дека делот од небото кој бил набљудуван содржел повеќе прашина отколку што се претпоставувало на почетокот.
Последното истражување објавено од Европската вселенска агенција покажува дека е невозможно да се тврди дека поларизацијата доаѓа од гравитациски бранови, а не од обична прашина.
Заклучок: Сè уште немаме доказ за космичката инфлација.