Ако ве интересира каде се изработуваат лажните брендирани облеки и обувки, кои можат да се набават по значително пониски цени, треба да се знае дека ваквото производство претставува индустрија во вредност од милијарди долари, која во последно време доживува вистински процут, особено во кинеските фабрики низ Африка и се базира на еклатантна експлоатација на труд.
Од 2003 година, Кина вложила најмалку 70 проценти од своите инвестиции во странство директно во африканските држави. Во август 2015, Кина потпишала спогодба со Танзанија наречена „Кинеско-африкански развоен фонд“ каде се дозволува на повеќе од 100 кинески компании директно да инвестираат во танзаниската производна индустрија, да отвараат нови работни места и на тој начин да ја намалуваат стапката на сиромаштија во таа земја. И иако многумина се задоволни од можноста да се придвижи економсктата активност во државата, кинеското искористување на работната сила предизвика голема загриженост.
Абена Егиман-Фишер, новинарка на Refinery 29, посетила една кинеска фабрика во Танзанија, со цел да ги истражи наводите за експлоатација на работната сила.
Во фабриката затекнала многу мажи и жени како изработуваат лажни „Adidas“ и „Nike“ обувки, како и детска облека. Ниту еден од вработените немал соодветна заштитна маска, иако воздухот бил загаден со разни испарувања. Седум вработени откриле дека работат по 12 часови на ден, седум дена во неделата, а заработката им се плаќа по 1,75 долари дневно на жените и 2,25 долари на мажите. Според законот, тие не би смееле да работат повеќе од шест дена во неделата, а и двата пола би требало да заработуваат подеднакво, минимум 2,12 долари на ден.
Како и во Кина, и овде голем проблем е искористувањето на детскиот труд, иако законската одредба не дозволува вработување на лица под 18 години. Но луѓето овде велат дека прифаќаат вакви работни услови, бидејќи немаат други опции.
И „Nike“ и „Adidas“ изјавуваат дека немаат свои производствени погони во Танзанија. Но, со оглед дека и кинеските работници ги изразиле своите барања за повисоки плати, постои реална шанса дека и оригиналните производители ќе почнат да бараат поевтина
работна сила во Африка.