X
 14.04.2017 Технологија

„Reddit“ го спроведе најдобриот експеримент на интернет

експеримент

Пред околу две недели „Reddit“ го започна проектот „Reddit Place“ чија идеја беше прилично едноставна. Отворена е страница со бела позадина, а корисниците имаа можност еден пиксел да го набојат во една од 16-те бои. Пред да го обојат вториот, морале да чекаат пет минути.

„Сами можеме нешто да создадеме. Заедно можеме да направиме повеќе“, пишуваше при претставувањето на проектот. Станува збор за многу едноставен концепт кој некои корисници го опишаа како „Microsoft Paint“. Но, она што на крајот корисниците го создале е сè само не е едноставно.

Како и очекувано, на страницата прво се појавиле пцости, свастики и пениси, но за брзо време започнале да се формираат групи кои започнале заедно да работат на цртежите. „Страницата на почеток изгледаше како ѕидовите на јавните тоалети. Но, фасцинантно е колку брзо се организираше заедницата и како започна да контролира сè што се случуваше за содржината да биде позитивна и афирмативна“, изјави Џош Вардл, еден од креаторите на проектот.

Во рок од три дена, групите се создавале и разделувале. Нациите војувале, а целосните странци работеле на стратегии околу тоа како ќе можат да ги заштитат своите цртежи. На пример, стотици корисници одговориле на повикот на еден човек кој преку 153 пиксели сакал да напише: „Лиса, те сакам. Омажи се а мене“. Тоа функционирало некое време, а потоа друга група презела контрола и напишала: „Те мразам Лиса, кучко“. А потоа пораката била покриена со срциња.

Бил потребен само еден ден за да се започне со цртање на знамиња. Едно од најголемите било знамето на Германија, кое за брзо време започнало да го покрива помалото француско знаме. Битката помеѓу Французите и Германците ја прекинале корисниците кои на територијата на борбата го нацртале европското знаме. Можеби најамбициозен беше проектот на неколку кориснички групи кои на дел од позадината го нацртале уметничкото дело на Ван Гог „Ѕвездена ноќ“ и „Мона Лиза“ на Да Винчи. И за двете дела била потребна внимателна соработка и доста концентрација, со оглед на тоа што морале да се борат против групата „Црна празнина“ која собрала 4.000 членови и чија цел била да прави црни дупки на „платното“.

Завршното платно е малку збунувачко и хаотично, но во секој случај фасцинантно. „Моментално сме на точка каде интернетот на луѓето им овозможува да комуницираат и соработуваат на начини кои досега не беа возможни. Се надевам дека успехот и колаборативната природа на проектот ќе ги охрабри другите интернет компании уште повеќе да ризикуваат во истражување на начини на интеракција меѓу корисниците“, пишува Вардл.

Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија