X
 18.04.2017 Живот

Турскиот референдум: Што се случи и што следува за Турција?

Турскиот народ во неделата гласаше за промена на нивниот Устав, доделувајќи му на претседателот далекусежни овластувања.

erdogan
Фото: CNN
Гласачите бираа дали ќе го прифатат или ќе го одбијат пакетот уставни реформи предложен од владејачката Партијата за правдата и развојот со кој парламентарниот систем на Турција ќе биде трансформиран во претседателски систем.

Со скоро 47.5 милиони гласови преброени, таборот „За“ издвои тесна победа со 51.4% од гласовите, резултат кој предизвика длабоки поделби во земјата.

Кои се последиците од гласањето?

Резултатите воопшто не ги ублажија тензиите во поделена Турција. Опозицијата се буни и бара пребројување на најмалку 37% од гласовите. Активистите кои се „Против“ тврдат дека се соочуваат со заплашување и закани за насилство, додека независните набљудувачи велат дека државните медиуми го покриваа референдумот во корист на претседателот.

Референдумот на широко се смета како плебесицит за претседателот Реџеп Таип Ердоган кој е на чело на земјата повеќе од една деценија, прво како премиер, а потоа како претседатели.

Многу од гласачите „Против“, референдумот го гледаат како обид на лидерот гладен за моќ да ја зацврсти својата позиција. Но, гласачите „За“ испраќаат пофалби до Ердоган, истакнувајќи дека со Ердоган на чело, иднината на Турција ќе биде побезбедна и попросперитетна.

Промените ќе го ограничат претседателот на два мандати, иако под одредени околности би можеле да побараат трет. Ревизијата значи дека Ердоган би можел да го „ресетира“ неговиот мандат, потенцијално победувајќи на наредните два избори и да остане на чело до 2029 година.

Кои моќи ги има претседателот после референдумот?

Улогата на претседателот на Турција во моментов, во голема мера е церемонијална - всушност премиерот е оној кој е официјален шеф на владата. Но, со промените, функцијата на премиер ќе биде укината, а поголемиот дел од моќта ќе биде предадена на претседателот.

Ердоган беше премиер во 2003 година, а стана претседател во 2014.

Претседателот денес треба да биде непристрасен и да нема никакви врски со ниту една политичка партија, но новиот Устав ќе го укине правилото и ќе му овозможи на Ердоган да се врати на чело на неговата партија.

Избегнување на парламентот и кабинетот

Претседателот ќе ја преземе одговорноста на владата за објавување на декрети. Овие декрети значат дека претседателот ќе може да го заобиколи парламентот за да формира и регулира министерства и да именува и отстранува високи државни службеници.

Но, постојат ограничувања - претседателот нема да може да донесува декрети кои се однесуваат на човековите права или основните слободи и нема да може да отфрла постоечки закони. Судовите ќе бидат тие кои одлучуваат дали декретот е легално валиден.

Исто така, претседателот ќе може да го подготвува буџетот на државата, задача која обично ја вршеше парламентот; тој може и да прогласи вонредна состојба без одобрение на владата. Од неуспешниот воен удар во јули минатата година, Ердоган неколку пати ја продолжи вонредната состојба, со што искуси кои се овластувањата на претседателот во таквите моменти.

Претседателот исто така ќе може, во некои околности да го распушти парламентот, иако тоа би значело и распишување на предвремени претседателски избори.

Именување на судии


12 од 15 судии на Уставниот суд ќе бидат избрани од претседателот. Ова е особено важно, бидејќи Уставниот суд е единствениот орган кој може да го суди претседателот ако парламентот изгласа отворање на истрага за претседателот. Во моментот, претседателот назначува 14 од 17 судии, но тие прво се номинирани од страна на пленарни заседанија во склоп на судовите на земјата.

И Врховниот суд ќе претрпи измени - Во моментов има 22 судии, од кои 4 се назначени од страна на претседателот. Според новите правила, бројот на судиите ќе се намали на 13, од кои 5 ќе бидат назначени од претседателот.

Како ќе се одвиваат промените?

Промените во системот на Турција ќе се одвиваат во фази, но не е јасно точно кога ќе се случат.

Голем дел од нив ќе мора да почекаат до следните претседателски избори во 2019 година, кога функцијата на премиер ќе престане да постои, а поголемиот дел од неговите функции ќе бидат префрлени на претседателот.

Една промена веројатно ќе се случи веднаш - Ердоган ќе се врати на чело на Партијата за правда и развој, која Ердоган ја основал во 2001 година.

Што ќе се случи со опозицијата?


Опозициската Народна република партија се сомнева во легитимитетот на резултатите, тврдејќи дека изборниот орган во земјата ги промени правилата после започнувањето на гласањето.

Високиот избирачки одбор изјави дека нема да ги прифати ливчињата кои немаат гласачки печат за да се избегне „полнење на гласачките кутии“ - каде дополнителните гласови се фрлаат нелегално за да се манипулира со резултатите.

Но, подоцна одборот соопшти дека ќе ги прифати, освен ако не се докаже дека биле донесени од надвор.

Oпозицијата изјави дека ова ќе влијае на легитимноста на гласањето и повика на повторно пребројување на најмалку 37% од гласовите.

Избирачкиот одбор ги отфрли обвинувањата, велејќи дека правилата биле променети уште пред започнувањето на гласањето. Но, набљудувачите на Организацијата за безбедност и соработка во Европа потврди дека овие промени биле издадени кон крајот на денот.

erdogan

Што значи победата на Ердоган за останатиот дел од светот?


Еден од најпознатите односи на Турција е оној со Европа. Земјата долго време е муслиманска земја со умерен секуларен политички систем, премостувајќи го западот со исламскиот исток.

Овој политички систем ѝ дозволи на Турција да добие кандидатура за членство во Европската унија. Но, разговорите за членство со децении се бавни и болни, во голема мера поради тоа што Турција не успеа да се усогласи со листата на стандардите на ЕУ.

Напредокот е толку бавен што на крајот се чини дека Турција може да се откаже од членството. Ердоган во неколку наврати изјави дека ќе побара повторно воведување на смртната казна - потег што автоматски негативно влијае врз кандидатурата на Турција за ЕУ.

Ако Турција достави до знаење дека не се грижи за влез во ЕУ, договорот за мигрантите ќе биде укинат. Турција може да одлучи да му сврти грб на Западот и да бара нови сојузници на исток.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот