X
 11.10.2019 Образование

Ученици од „Песталоци“ освоија три златни медали на светски натпревар во Хаг

Виктор Јакимов, Сара Кнежевиќ и Лука Вајевиќ, предводени од менторката Билјана Стојаноска, наставничка по англиски јазик, постигнаа врвни резултати. Учеството на светскиот натпревар го поддржа Фондот за иновации и технолошки развој

Петтоодделенци од скопското училиште „Јохан Хајнрих Песталоци“ освоија три златни медали на светскиот натпревар во дебата и критичко размислување World Scholar’s Cup, кој се одржа во Хаг, Холандија. Во конкуренција од 1.900 ученици од 51 земја, Виктор Јакимов, Сара Кнежевиќ и Лука Вајевиќ, предводени од менторката Билјана Стојаноска, наставничка по англиски јазик, постигнаа врвни резултати. Учеството на светскиот натпревар го поддржа Фондот за иновации и технолошки развој.

Наставничката Стојаноска испрати порака до Фондот:
- Ви се обраќам по втор пат, овој пат не со молба за помош, туку со огромна благодарност за искуството што ни го овозможивте. Во делот јуниори ние бевме единствениот тим од Македонија, составен од тројца исклучителни ученици од петто одделение. Се вративме со три златни медали, награда за најмлад тим во групата јуниори, но и со незаборавно искуство - вели Стојаноска.



Таа раскажува за дружбите со ученици од училиште за талентирани деца од Виетнам, од британски училишта од Африка, споделувале искуства со администратори на училишта од Грузија и од Украина кои присуствувале на натпреварот за да разгледаат и применат добри практики во своите училишта.

- Ги видовме космополитскиот дух на Канаѓаните на дело, професионалноста на Турците, студиозната посветеност на Индијците и Кинезите, беспрекорната организација и љубезноста на Американците... Учеството на натпреварот беше огромно искуство за нашите ученици. Тие имаа можност да се запознаат со една многу поконкурентна средина и да се натпреваруваат со деца со одлични вештини за комуникација - објаснува Стојаноска.

Таа додава дека ова било огромен предизвик за нив, за натамошно подобрување на нивните вештини (зголемување на капацитетот за дебата, подобрување на критичката мисла, стимулирање на натпреварувачкиот дух и сл.) кои ќе им користат во нивниот понатамошен образовен процес и позитивно ќе влијаат врз развојот и стимулирањето на нивниот талент.


Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование