X
 22.12.2015 Образование

Новите "компјутерски генерации" мешаат кирилица со латиница

Употребата на таблети, телефони, лаптопи дома, но и кога се на училиште, прави дел од денешните основци па и средношколци да подзабораваат правилно да пишуваат на својот мајчин јазик. Ова го забележуваат практичарите, кои сепак нагласуваат дека ситуацијата не е драматична и дека бројот на ученици кои грешат во пишувањето, не е голем и е поправлив ако се работи на него.
 

Проблемот е решлив ако се работи


Наставничка во едно скопско основно училиште вели дека и новогодишните желби на третоодделенците на кои им предава, се да си добијат таблет-компјутери или смартфони.
 
- Процентуално, бројот на такви ученици конкретно во мојата паралелка не е голем. Точно, мешаат кирилица и латиница, па кога треба да се пишува на кириличното писмо, тие пишуваат латиница. Обратната ситуација е почеста, но тоа не се должи на влијанието на технологијата. Ракописните кирилични букви ги знаат и не ги мешаат, а ракописните латинични ќе се учат во второто полугодие бидејќи така е предвидено со наставната програма - вели наставничката.

Неправилно држат молив, но подоцна учат како треба


Знаат ли правилно да држат пенкало и молив, односно дали им е добро развиена ситната моторика? Наставниците велат - не сосема, но со текот на времето учат како е правилно.

- Кога се работи за развојот на ситната моторика, сега во трето одделение има напредок во споредба со периодот кога беа прво и второ одделение. Кога беа помали, неубаво ги држеа пенкалата, моливите, четките за боење, најверојатно поради тоа што во претшколска возраст возрасните не обрнувале внимание на тоа. Сега веќе сите правилно работат. Инаку, што се однесува до убавото пишување и ракописот, можам да кажам дека диктати имаме често, а краснопис не е предвидено со програмата. Но, и покрај тоа, бидејќи децата се во целодневна настава, наоѓам време за краснопис, за посветување време на убавото пишување. Ако се споредат сегашните деца со некои минати генерации, нема разлики во тоа, дали пишуваат убаво или не. Тоа си е индивидуално и зависи од самиот ученик - додава нашата соговорничка.

Професорите по македонски јазик кои предаваат во средното образование велат дека на писмените работи се случува некои ученици да си доцртуваат „смајли". Според нив грешките се резултат на дигитализацијата и се` почестата комуникација преку компјутер. Токму поради тоа, постои проблем и со неправилно и писмено и усно изразување.

Антонија Поповска-Христов
antonija@fakulteti.mk
Подготвил: Антонија Поповска-Христов

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование