X
 25.09.2017 Образование

Незаслужените оценки ја фрлаат мотивацијата на соучениците в корпа

Зошто да учам јас кога и тој што ја нема чепнато книгата на крајот пак ќе ја има истата оценка? Кога бев во основно ѝ го поставував прашањето на мајка ми, а таа ми велеше: „Учи си за знаење, а не за оценка, ќе видиш во средно како тоа ќе влијае врз тие што поминувале во основно со врски“. Еве, дојде средно и ја видов истата слика, исти страдања, само клупите малце се поголеми и таблата е поширока – вели средношколка од трета година



Неправилното оценување ја намалува мотивацијата за активно вложување и доведува до психолошки трауми кај учениците, како и недоверба. Недовербата може да биде насочена кон себеси и да се трансформира во ниска самодоверба и самопочит, повлеченост, неактивност и намалена креативност, или кон наставниците во вид на нарушена доверба во другите луѓе или системот во целост – вели психологот и психотерапевт Марија Котевска-Димовска.

Со неа ја отворивме темата за тоа како неправичното оценување во училиште влијае врз останатите ученици, во сите степени на образованието. Што да му одговорат родителите на детето кога ќе се пожали дека некој соученик постојано бидува награден со повисоки оценки кога е евидентно дека не покажува знаење?

Сите сте исти, ни велеа, ама нѐ лажеа

Важен фактор на мотивацијата е субјективната процена на ученикот за правичноста на неговата награда во однос на другите.

-Позната е мотивационата теорија на правичност на Стејси Адамс, која може да даде објаснување на феноменот на праведно/неправедно оценување. Според неа, постои неправедна награда, т.е. оценување кое резултира со незадоволство, намалено вложување, па дури и откажување од учењето. Неправичното „позитивно“ наградување во вид на незаслужено високи оценки, исто така, има негативни ефекти во вид на намалено почитување на другите, усвојување негативни вредносни системи или чувство на непријатност. Правичната награда или оценување резултира со поголемо задоволство, желба за вложување и креативност кај учениците – вели психологот.

Разговаравме со средношколката Д.Т., која сакаше да сподели како се чувствуваат учениците што вредно учат и како реагираат на неправди во училиштето.

-Нашиот образовен систем нуди непреспиени ноќи, затворени во четири ѕида за на крајот и тој што не знае како му изгледаат книгите да се израмни со тебе и со твоето знаење во дневникот. Секогаш имало жртви во образованието и секогаш ќе има бидејќи ние, учениците без протекции, нема каде да си го повишеме гласот. Ја фрлив веќе мотивацијата за учење неколку пати во училишната корпа. Зошто да учам јас кога и тој што ја нема пипнато книгата на крајот пак ќе ја има истата оценка? Кога бев во основно ѝ го поставував прашањето на мајка ми, а таа ми велеше: „Учи си за знаење, а не за оценка, ќе видиш во средно како тоа ќе влијае врз тие што поминувале во основно со врски“. Еве, дојде средно и ја видов истата слика, исти страдања, само клупите малце се поголеми и таблата е поширока. Нѐ учеа на еднаквост, на разбирање и на правди. Сите сте исти, ни велеа, ама нѐ лажеа, некои си носеа штит на себе кој самите професори им го правеа – вели средношколката од трета година.

-Ајде, Петар, стани на табла, како се твоите, арни? Мајка ти кога е на работа? Добро. Петар ајде кажи ми 2+2 колку е ? -4
- Браво Петарчее. Деца, еве ви пример за ученик бе, угледајте се малце.
После Петар станува друг ученик чии родители не се на работа.
-Ајде, Марко, ти кажи ми колку е... (поставува прашање што најверојатно ни самата не го знае)
Марко се труди да одговори нешто.
-Седи Марко, единица.

И така, секогаш има понекој Петар во класот кој се гордее со својата врска и секогаш на крајот од школската година на некој за просек му фалело, некои бонбониери купувале, и така Марко и тие како Марко секој понеделник се враќаат во клупите да се здобијат со уште поголема демотивација. Јас сум ученичка без штит, лузните со кои се здобив во моето училиште се надевам дека еден ден ќе ги носам како беџови на гордоста – вели револтирана тинејџерка.

Дилема како да ѝ одговори на својата ќерка што значи некоректното оценување имала и скопjанката Ј.К., чија ќерка е петто одделение.

- Ќерка ми лани беше четврто одделение и неретко се случуваше да си дојде од училиште лута, со коментарот - „па не е фер, како добиваат петки ученици што ништо не знаат“. И како да бидам паметна, што да ѝ одговорам? Најчесто ѝ велам дека ќе има неправди во цело образование, ама таа да си учи за знаење, дека тоа еден ден ќе ѝ се исплати. Кај неа се случува ученици кои цела година биле на дополнителна и на сите тестови имале двојки или тројки, на крај поминале одлични. На крајот на годината, наставничката по англиски во одделението кај ќерка ми, кога ги спуштала оценките, јавно рекла дека само ќерка ми заслужува петка. Наставниците дури не се ни кријат. Сметам дека одличните ученици така се демотивираат, не сакаат да се трудат зашто гледаат дека може да се помине и поинаку. Но, свесни се за неправдата и ги повредува тоа – вели мајката.

Таа додава дека опседнатоста со петките се покажува и на земањето на свидетелствата, кога се чини дека доаѓаат повеќе родители и баби отколку деца.

Нема учител што не згрешил

Психолозите велат дека оценувањето е многу важен аспект на наставата.

Доколку предизвиците се синхронизирани со способностите и постепено се зголемуваат, а на секое постигнато ниво ученикот добива соодветна повратна информација - оценка, ќе се развие високо ниво на мотивација за учење, вели Котевска-Димовска.

- Моето искуство како психолог, но и како универзитетски професор ја потврдува важноста на правилното оценување, т.е. компетентноста на наставникот да му даде оценка на ученикот до степен што го заслужува. Се разбира, постојат исклучоци: нема учител кој не направил грешка при оценувањето. Евалуацијата по својата природа не е целосно точна, така што грешките се можни, но тие не се случуваат често ако наставниците знаат што оценуваат во работата на учениците, а најчесто знаат. Наставникот треба да развие правилен однос кај учениците кон оценувањето: дека оценките не се тајно оружје, моќ или пресуда, туку процена на заедничка работа – смета нашата соговорничка.

Наставата треба да биде ослободена од страв, тензија, недоверба и стрес, што е пресудно за правичното оценување. Психологот Гордон Стоукс тврди дека 80 отсто од тешкотиите во учењето се поврзани со стресот.

-Наставата во која правилно се оценува доведува до тоа ученикот да се чувствува прифатено и безбедно, со што се зголемува мотивацијата за учење и се подобруваат резултатите. Тоа влијае врз целокупниот развој на личноста на ученикот, вклучувајќи ги когнитивниот, емоционалниот и етичкиот аспект и овозможува хармоничен развој на личноста на ученикот, што е цел на образовниот систем. Оценките треба да го одразуваат знаењето на учениците и да дадат повратна информација како ученикот би можел да напредува. Доколку оценката го одразува личниот став на наставникот кон учениците или нивниот социјален статус, тоа ќе ја наруши суштината на оценувањето – вели психологот.

Но, важноста на оценувањето често се разбира на сосема поинаков и погрешен начин, додава Котевска-Димовска.

-Оценката често добива значење на монета за запишување на факултет, за добивање стипендија, вработување, гордост на родителот итн. Се смета дека наставникот „не го чини ништо“ да го внесе овој или оној број. Затоа оценките често се извор на тензии, незадоволства и доведуваат до многу непријатни ситуации или различни видови притисоци, особено на крајот од учебната година. Таквиот став кон евалуацијата го обезвреднува образованието, а повеќето се заинтересирани за нумеричко оценување отколку за она што стои зад таа процена.
Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование