Знамето на Европската Унија кое се вее на плоштадот во малечкото германско село Гадхајм во Баварија, го претставува единственото обележје за зголемениот интерес на светските медиуми за таа зафрлена локација – а причината е едноставна: во 2019 година, кога завршуваат преговорите за излегување на Велика Британија од ЕУ, 89 жители на Гадхајм и официјално ќе станат житети на географскиот центар на ЕУ, според Националниот географски институт во Париз.
Повеќето жители веста ја слушнале преку радио, истакнал Јирген Гец, началникот на Веитшохејм, блиско населено место во чии граници влегува и Гадхајм, затоа што е премало место за да има сопствена локална администрација.
Жителите се горди заради зголемениот интерес кон нивниот живописен регион. Тие веќе поставија знаме на унијата на селскиот плоштад. Дури формираа и своја група на „WhatsApp“, шегувајќи се на сметка на својот углед и известувајќи ги заинтересираните за местото.
Средиштето на гравитацијата на Европската Унија се наоѓа во Германија уште од 1 мај 2004 година, кога во ЕУ пристапија десет нови членки, главно од источниот дел на Европа. Пред да се случи тоа, географското средиште на ЕУ се наоѓаше на територијата на Белгија.
Но, од 2004 година наваму, средиштето неколкупати се менуваше и на територијата на Германија, последен пат во јуни 2013, кога Хрватска му пристапи на Унијата и кога официјален географски центар стана баварското село Вестернгрунд, кое е лоцирано 60-тина километри северозападно од
Гадхајм. Овој статус Вестернгрунд ќе го изгуби со излегувањето на Велика Британија од ЕУ, на голема жалост на началничката на местото, Бригите Хајм, која сепак потенцира: „Брегзит нема да нѐ сопре!“