X
 21.02.2024 Технологија

Гигантите од ИТ-индустријата потпишаа договор против манипулациите со вештачка интелигенција на изборите

Годинава ќе ја одбележат низа значајни избори во светот, меѓу кои најмногу се издвојуваат американските претседателски избори и европските избори. Тоа значи дека повеќе од 4 милијарди луѓе во повеќе од 40 земји во светот ќе имаат можност да излезат на гласање во текот на годината, а напредокот на вештачката интелигенција значи дека голем дел од изборниот процес може да биде компромитиран од лажни вести, синтетизирана содржина и други форми на манипулација.

Против измама на гласачите

Имајќи го ова на ум, минатата недела на Минхенската безбедносна конференција беше потпишан договор за спречување изборни измами со помош на вештачка интелигенција. „Мета“, „Адоб“, „Амазон“, „Гугл“, ИБМ, „Мајкрософт“, „Опен АИ“ и „Тик-ток“ се некои од потписниците на „Технолошкиот договор за борба против измамничката употреба на вештачка интелигенција на изборите во 2024 година“. Овој договор вклучува низа обврски поврзани со воведување технологии, со кои би се спречило генерирање на штетна содржина наменета да ги измами гласачите.

Потписниците ветиле дека ќе соработуваат при креирање алатки за откривање и спречување на ширењето на таквата содржина. Ќе започнат и со едукативни кампањи, ќе овозможат транспарентна примена на вештачката интелигенција, а во работата ќе се водат од седум договорени принципи. Тоа се: превенција од штети, проверка на потеклото, откривање содржина креирана од вештачка интелигенција, брза заштита од погрешни содржини, заедничка евалуација, ширење на јавната свест, градење јавна отпорност и писменост со вештачка интелигенција.

Во текот на оваа изборна година потписниците ќе соработуваат и со здруженијата на граѓани и академската заедница за да се зголеми јавната свест за опасностите од лажните вести. Посебен фокус ќе биде ставен на намерната дистрибуција на лажни содржини генерирани од вештачка интелигенција, кои не се означени како такви, со цел да се влијае врз демократските изборни процеси.

Секоја од компаниите потписнички ќе ги применува преземените обврски и принципи на работа во својата област на дејствување - било да е тоа генерирање, откривање, ширење содржина или едукација на јавноста.

Извор: Bug.hr

Фото: Freepik

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија