X
 05.05.2017 Образование

Денови на студентите по новинарство од Република Македонија

Катедрата за новинарство и односи со јавноста, вчера, на интернационалниот ден на слободата на медиумите организираше „Денови на студентите по новинарство од Република Македонија“. Станува збор за настан кој има за цел да ги зближи сите студенти на новинарство од цела Македонија, но и да ја потенцира важноста од слободата на медиумите.



Денеска на меѓународниот ден на слободата на медиумите ние одлучивме да го одбележиме денот со тоа што организиравме ваков настан преку кој студентите ќе имаат можност да се едуцираат, да се дружат, но и да работат на новинарски стории - изјави проф. д-р Андон Мајхошев од Катедрата за новинарство и односи со јавноста.

Студентите од студиската програма Новинарство (во Штип и во Скопје) работеа на радио и ТВ прилози, а исто така и студентите од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ работеа на новинарски стории за радио и телевизија. Тие меѓусебно се натпреваруваа.

Станува збор за натпревар кој се организира првпат. Ние подготвивме прилози на слободата на медиумите и младинскиот активизам. Ги покривме двете теми со два прилога. Едниот прилог се однесува на студентските права, при што овде го нагласуваме тоа колку е потребно студентите да бидат запознати со своите права и да го зголемат својот интерес за тоа кои им се правата. Вториот прилог што го направивме е на тема слободата на медиумите. Тука ги анализиравме извештаите на Фридом Хаус, каде што Македонија е во категоријата на неслободни земји, а разговаравме и со новинари и студенти на новинарство кои ги споделија нивните ставови - изјави Христина Спирова, студентка на новинарство која учествуваше на овој настан.
Покрај натпреварувањето меѓу студентите на новинарство од УГД и од УКИМ, имаше и презентација на истражување за гледаноста на националните телевизии кое, исто така, беше изработено од студенти.

Нашето истражување се однесува на националните медиуми и јавното информирање во Македонија. Според истражувањето, граѓаните најмногу се информираат од телевизија, а веруваат на интернет. Она што е најзначајно е дека во Македонија недостасуваат емисии од едукативен карактер, а интересно е тоа што луѓето следат една телевизија, а најмногу веруваат на содржините на друга телевизија - изјави Маја Стевиќ, студентка на УГД која учествува во ова истражување.
Студентите кои работеа на своите новинарски стории практичниот дел, монтажата и снимањето ги направија во Универзитетската радио и телевизија, а според гласањето победи тимот на студентите на УГД во Скопје и тимот на студентите на УКИМ.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование