X
 13.09.2018 Наша тема

Само еден факултет во Македонија пополни квота уште во првиот уписен рок

Така беше и јас кога се запишував во 2005 година, кога тројца кандидати претендираа за едно место, вели Ј.С., поранешна студентка

Медицинскиот факултет во Скопје е единствената државна високообразовна институција во Македонија во која се пополнија сите места за редовни студенти во првиот уписен рок. Во вториот уписен рок останаа места само за 36 вонредни студенти. Квотите за 260 редовни и 220 места со кофинансирање веднаш се пополнија.

- Ова не е ништо ново. Отсекогаш имало огромен интерес за студиите по медицина. Така беше и јас кога се запишував во 2005 година, кога тројца кандидати претендираа за едно место – вели Ј.С., поранешна студентка на Медицинскиот факултет.

Иако годинава бројката на студенти не е иста како таа пред 13 години, за вкупно 630 слободни места во академската 2018/2019 година беа пријавени 845 кандидати.

Интересот е голем и на ФЕИТ

Бројката е пополнета само за студиите по медицина на Медицинскиот факултет во Скопје. На Факултетот за медицински науки при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип примаат вкупно 620, а во втор уписен рок има место за 276 студенти. Пополнети се само редовните квоти на насоката Општа медицина и медицински сестри/техничари, но има место во квотите со кофинансирање.

На Високата медицинска школа при Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола на првиот уписен рок имаше место за вкупно 325 студенти.

- Во првиот уписен рок се запишаа вкупно 119 студенти – вели проф. д-р Домника Рајчановска, директорка на Високата школа.

Според неа, има 216 слободни места во сите студиски програми. Во редовната квота се пополнети местата за општи медицински сестри и за медицинско-лабораториски аналитичари, но има места во квотата со кофинансирање и за вонредни студии.

Слободни места останаа и на факултетите за кои има најголем интерес низ годините. Според првичните информации што ги објави Факултети.мк, на првиот уписен рок најголем интерес имаше за Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), но добро поминале и Филозофски, Економски и Факултетот за електротехника и информациски технологии.

Комплексот кај Ректоратот на УКИМ

Најмногу места има на УКИМ - вкупно 11.661 студент. Во вториот уписен рок има место за 6.601 студент – 2.294 редовни, 3.358 со кофинансирање и 949 вонредни.

На УГД примаат вкупно 5.037 бруцоши. Во вториот уписен рок има место за 3.748 студенти – 2.079 редовни, 973 во квотата со кофинансирање и 696 вонредни.

На УКЛО во Битола примаат 3.635 студенти. Останати се 2.760 слободни места – 1.293 за редовни студенти, 906 со кофинансирање и 561 вонреден.
Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема