X
 07.05.2017 Образование

Како изгледаат училиштата финансирани од милијардерите од Силициумската долина?

altschool
Фото: Melia Robinson

Главните луѓе од Силициумската долина сметаат дека стандардните училишта се досадни и дека не ги следат потребите на новите генерации. Затоа е создадена нова старт ап, која собра повеќе од 130 милиони долари од најпознатите бизнисмени, и денес е позната како „AltSchool“.

Овој проект е финансиски поддржан од гиганти како што е Марк Цукерберг, Питер Тиел - основачот на „Paypal“, Андерсен Хоровиц и други. Денес, ова е училиште каде што децата сакаат да одат и каде ги развиваат нивните способности, вештини, учат да бидат креативни, продуктивни и ефикасни.

„AltSchool“ се малечки училишта од 35 до 120 ученици чија цел е да ги поместат границите на образованието и да се прилагодат на 21-от век. Тие денес можат да се најдат на неколку локации во Њујорк и Калифорнија, а професорите доаѓаат од најголемите светски компании и од најпрестижните светски универзитети.

Во училиштата можат да се запишат деца на возраст од 4 до 14 години. Тие се делат во три групи. Школарината во 2015 година изнесувала околу 20.000 долари годишно.

Целото училиште вклучува посебен софтвер креиран од експертите од компании како „Apple“, „Uber“, „Google“ и други. Во овие училишта децата создаваат посебни профили од листите на интереси, обврски, домашни задачи и секогаш можат да слушаат предавања на било која тема која ги интересира, создавајќи свој профил и помагајќи им на професорите на најдобар начин да се занимаваат со нив, да ги сфатат и да ги насочат.

На секој ученик му се посветува посебно внимание. Професорите соработуваат со нив и со нивните семејства така што се поставуваат цели за секого. Особено се обрнува внимание на интересите на ученикот, нивните таленти, слабости и така натаму.

Иако живееме во дигитална ера, ова училиште не е целосно фокусирано на технологијата. Иако учениците учат програмирање и дигитални вештини, сето тоа се доживува како вовед во вистинското креирање па така детето на одредена возраст знае како да направи нацрт или електронски проект по одреден предмет, кој подоцна го креира со професорите инженери.

Секој труд се документира и се чува во електронска форма и на профилите на учениците. Училниците немаат класичен стил, со клупи, туку изгледаат како полигони за креирање, а на децата им е пријатно да се движат низ просториите.

Во просториите постојат и камери во висина на децата за наставниците да можат да набљудуваат додека учениците ги работат проектите, а некои деца камерата ја користат и за разговор и споделување тајни.

Во „AltSchool“ не постои наставна програма ниту еднакви обврски за сите. Постои план кој се следи, но повеќето работи се насочуваат во согласност со преференциите на учениците. Оние кои сакаат да имаат занает в рацете првенствено учат моделирање, а потоа создаваат работен простор. Децата кои сакаат ботаника можат во секој момент да засадат свои растенија и да се занимаваат со нив.

Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование