Поради дизел-скандалот и најавата за забрана за возење половни автомобили со погон на дизел-гориво, во Германија ги бие лош глас, па многу такви автомобили својот нов дом го наоѓаат во Средна и во Југоисточна Европа.
Во Романија, според официјалните податоци, бројот на регистрирани половни дизелаши во 2018 година се зголемил за повеќе од 31.000 во споредба со 2017 година. Трговијата со половни автомобили од Германија направи бум и во Чешка.
Петр Прикрил од чешкиот Сојуз на трговци со половни автомобили вели дека може да се зборува и за инвазија. Увозниците одат во Германија и профитираат од несигурноста на германските потрошувачи.
Според истражувањето на пазарот спроведено од страна на ААА, една од најголемите средноевропски компании за трговија со половни автомобили, 63 отсто од автомобилите што во Чешка се продаваат преку оглас потекнуваат од Германија, а 60 отсто од увезените половни автомобили се дизелаши. Во соседна Словачка уделот на дизелаши е дури 78 отсто.
Сето тоа е регистрирано од страна на германските трговци. Третина од нив директно контактираат со трговци од странство кои потоа ги купуваат нивните
дизелаши.
Според годишниот извештај на Европската асоцијација на производители на автомобили (АЦЕА), просечната старост на автомобилите во Романија е 16 години. Во Чешка просекот е 14 години, во Полска 13, а во Хрватска 14. Колку за споредба, просечната старост на автомобилите во Германија е 9 години.