Наспроти децениските санкции и изолираноста, економијата во Северна Кореја покажува изненадувачки знаци на живот.
Низ градовите ширум земјата се отвориле преку десетина пазари, откако пред пет години државната власта ја презел Ким Јонг Ун. Растечката класа на трговци и претприемачи се развива под заштита на функционерите на владеачката партија. Во престолнината Пјонгјанг изградбата е во експанзија.
Дисиденти, редовни посетители и економисти кажуваат дека пазарните сили почнуваат да ја преобликуваат Северна Кореја. Ваквиот развој ги комплицира обидите да се зауздаат амбициите на Ким Јонг Ун во поглед на нуклеарната програма. Економскиот напредок на земјата им го олеснува притисокот од страна на САД и им овозможува да обезбедат средства за финансирање нуклеарна програма.
Додека Северна Кореја останува длабоко сиромашна земја, проценката на годишниот раст под власта на Ун се движи од еден до пет отсто, колку што изнесува во некои развиени економии кои не се попречени од санкции.
Но, ограниченото прифаќање на пазарните сили во она што би требало да биде бескласно општество, исто така е ризик за триесетгодишниот Ким кој во 2013 година како приоритетна политичка цел го поставил економскиот развој во споредба со развојот на нуклеарниот арсенал.
Со тоа што дозволува да се шират приватните компании, тој го подрива владиниот аргумент за социјална супериорност над јужнокорејскиот капиталистички систем.
И додека тоа што им треба го бараат надвор од државната економија, луѓето сѐ помалку им се должни на сопствените власти.
Од 2010 година, бројот на пазари што ги одобрила државата се удвоил на 440, а се бележи и нивно ширење во поголемиот број градови. Во земја со 25 милиони жители, според едно истражување, околу 1,1 милион луѓе работат како трговци или управници на овие пазари.
Исто така, во пораст се и неофицијалните пазарни активности: луѓето произведуваат и продаваат облека, обувки, слатки и тесто во своите домови; на секои десет дена во руралните места никнуваат земјоделски пазари; се криумчарат предмети од Јужна Кореја од типот на холивудски филмови, телевизиски серии и смартфони кои можат да се користат во близина на границата со Кина.
Најмалку 40 отсто од населението на Северна Кореја е вклучено во некаков вид приватно стопанство, што според зборовите на директорот на севернокорејската разузнавачка агенција, Ли Вјунг Хо, е споредливо со податоците од Унгарија и Полска непосредно после падот на советскиот блок.
Севернокорејците некогаш работеле исклучиво за државните компании и фабрики. Добивале плата и купони со кои можеле да пазарат храна и облека во државните продавници. Но тој систем доживеал пропаст во деведесеттите, а поголемиот број државни работници сега месечно заработуваат одвај еден долар.
Економистите проценуваат дека минималните трошоци за живот во Северна Кореја изнесуваат 60 долари месечно. Според проценките на Корејската развојна банка, осум отсто од потрошувачките добра што се продаваат на севернокорејските пазари се по потекло од Кина.
Но, Ким Јонг Ун ја поттикнал земјата на локално ниво да го зголеми
производството и на тој начин што помалку да зависи од Кина. Неговиот повик ги охрабрил производителите да одговорат на барањата на пазарот. Облека, алкохол, цигари, чорапи, слатки работи, прехранбено масло, козметика и сл. што се произведуваат во Северна Кореја, веќе ги истиснуваат кинеските производи од домашниот пазар.
„Благодарејќи на пазарите, денес многу помалку Севернокорејци ја напуштаат земјата поради глад во споредба со деведесеттите години“, вели Ким Сеунг Еун, пастор кој им помагал на дисидентите да пребегаат во Јужна Кореја.