Не е тајна дека на модерниот образовен систем очајно му е потребна трансформација. Децата завршуваат средно образование без да знаат ништо за секојдневните активности од реалниот свет. Целта на образовниот систем треба да биде едукација, со цел да се подобри општеството, но наместо тоа, денешниот образовен систем ги учи децата што да мислат (наместо како да размислуваат), па така тие учат како да се асимилираат и вклопат во општеството.
Голем дел од учениците завршуваат средно без да сфатат дека системот воопшто не е добар. Во некои случаи, тие се преполни со пропаганда и дезинформации.
Добрата вест е тоа што ова не е случај во секоја земја, а некои земји дури и се обидуваат да го променат начинот на кој пристапуваат до образованието. Така на пример, Финска, која е долгогодишен лидер во образованието, е во процес на целосно реформирање на образовниот систем. Финска веќе го усвојува системот „учење базирано на феномен“, овозможувајќи им на учениците да се откажат од стандардните предмети и да искусат похолистичко, интердисциплинарно учење.
За каков систем станува збор?
Системот „учење базирано на феномен“ има многу различен пристап кон образованието, намалувајќи го класичниот јаз помеѓу предметите како што се математика и природни науки. Наместо тоа, студентите преземаат еден вид своевиден феномен или концепт и го набљудуваат и анализираат преку повеќе гледишта, применувајќи предмети кои се однесуваат на него, како на пример географија, историја или економија.
Како што „Phenomenal Education“ објаснува на својата веб страница:
„Ова учење ја користи природната љубопитност на децата да учат во холистички и автентичен контекст. Сеопфатниот реален феномен ја обезбедува мотивирачката појдовна точка за учење, наместо традиционалните наставни предмети. Феномените се проучуваат како холиситички лица, во нивниот реален контекст, а информациите и вештините поврзани за нив се изучуваат со преминување на границите помеѓу предметите. Феномените се холистички теми како што е човекот, Европската унија, медиумите и технологијата, водата и енергијата. Ова им овозможува на учениците да ги научат вештините на 21-от век како што се критичко размислување, креативност, иновација, тимска работа и комуникација“.
Така, студентите повеќе нема да учат еден предмет како физиката, туку цела низа предмети поврзани со една тема со што ќе имаат поинтердисциплинарен пристап. На пример, студентите можат да ја проучуваат Европската унија која потоа би можела да вклучува јазици, економија, историја и географија, а потоа да ги разгледаат климатските промени кои пак вклучуваат наука, еколошки студии, економија и политика.
Односот наставник-ученик исто така ќе биде подложен на драматична промена, а учениците ќе земаат комбинација на онлајн часови со часови во училиштето. Дијалогот помеѓу учениците, врсниците и наставниците ќе доживее промено, со што учениците ќе бидат охрабрени поотворено да зборуваат и да споделуваат информации. Структурата ќе биде помалку хиеархиска и потимска, со што во голема мера ќе се разликува од класичниот „наставникот му дава инструкции на ученикот“ менталитет.
Освен тоа, наставните планови нема да ги дизајнираат само наставниците, туку и учениците, со што тие ќе играат активна улога во нивното воспоставување. Ова се одлични вести, со надеж дека учениците ќе бидат вклучени повеќе.
Како Финска го имплементира новиот пристап?
Финска е добро позната како една од водечките земји во образованието, со неверојатно висока стапка на писменост и математика. Всушност, еден од водечките светски експерти за реформи во училиштето и образованието, професор на Харвард, Паси Салберг, има пишувано бројни статии за образовниот систем на Финска. Тој напорно работел за да ги сподели искуствата на Финска во реформите во образованието со остатокот од светот и тоа со добра причина.
Финска не секогаш имала неверојатни резултати, меѓутоа тоа е земја каде наставниците и предавањето се и повеќе од ценети. Финска не ги користи овие резултати за да го оцени својот образовен систем; наместо тоа наставниците се фокусираат на она што учениците треба да го научат во нивниот живот, а не на она што тестовите и ранговите го кажуваат.
Финскиот образовен систем е децентрализиран, дозволувајќи им на наставниците да ги изменат своите наставни планови и да го организираат образованието според локалните потреби.
Финскиот пристап кон образованието е доста иновативен, па можеби тоа е причината зошто толку наставници се согласуваат за оваа промена во наставата. Некои од нив веќе започнале со оваа примена.
Финска планира постепено да го промени системот, така што училиштата ќе го имаат овој пристап до 2020 година. Првата голема промена се случи во август 2016 година под националната рамка за наставен план на Финска. Тоа е задолжителен документ кој ги нагласува севкупните цели на образовниот систем, вклучувајќи техники и стилови на учење, упатства, проценки, услуги за поддршка и многу повеќе.
Почнувајќи од август, училиштата со ученици на возраст од 7 до 16 години имаат продолжен период за примена на овој метод.
Не постои само еден начин за одредување на интелектот, бидејќи сите сме уникатни на свој начин. Тоа е убавината на дуализмот; нашите разлики се наши предности и ние не треба да ги потиснуваме и да бидеме во согласност со општеството.
Образовниот систем треба да го прифати ова и наставниците треба да ги едуцираат своите ученици од срце и на свој уникатен начин.
Токму затоа децентрализацијата и учењето со феномен се корисни. Тие инспирираат животна средина со поголема соработка и на наставниците и учениците им овозможуваат да се поврзат на начин кој поделбата и хиерархијата не го дозволуваат. Можеби преку овој нов систем наставниците ќе препознаат дека можат да научат од своите ученици исто како што учениците можат да научат од нив.