21 годишниот Стефан Беговски, кој студира на Педагошкиот факултет при Универзитетот Св.Климент Охридски - Битола во текот на зимскиот семестар за академската година 2015/2016, преку „Еразмус+“ реализира мобилност во Лоѓ, Полска. Неговиот престој траеше 4 месеци, а за Факултети.мк тој ги раскажува деталите од неговото неодамнешно искуство.
Факултети: Како се одлучи и како дозна за програмата за мобилност Еразмус+ и што таа нуди?
- Најпрво дознав сосема случајно за време на паузата од едно предавање, кога една професорка ни укажа за можноста за остварување мобилност во странство и ни кажа да се упатиме кај нашиот Еразмус координатор (сегашен Декан на Педагошкиот Факултет-Битола) за подетални информации. По првичниот разговор со неа се запознав за можностите што ги нуди, стипендии и исто така каде се може да се престојува. За одлуката не беше воопшто лесно, од причина што до пред остварувањето на мобилноста немав излезено надвор од нашите граници и барав секаков начин тоа да го направам. По отворањето на оваа шанса бев решен да направам се што треба и да не оставам да избега.
Факултети: Дали програмата ги исполни твоите очекувања?
- Што се однесува до очекувањата, да бидам искрен немав некои очекувања поради тоа што не познавав ниту еден што остварил мобилност па од таму и не знаев што да очекувам. Врз основа на тоа што немав никакви очекувања, секое изненадување беше добредојдено, а морам да кажам дека речиси сите изненадувања беа позитивни.
Факултети: Зошто баш Полска и како ти се допадна животот во Лоѓ?
- Едноставно сакав да заминам во некоја подалечна земја во Европа, затоа веднаш ги пречкртав соседните земји како Грција и Бугарија, затоа што сакав да видам дали би можел да се снајдам сам во друга земја далеку од дома. Да бидам искрен, никогаш не сум помислувал да ја посетам Полска, ниту пак да живеам во неа, но ете на крајот можам да кажам дека направив одличен избор. Околу животот во Лоѓ, не знам од каде да почнам. Можеби Лоѓ и не е со градби толку атрактивен како другите градови во Полска на пример Варшава или Краков, но е доста жив град. Изобилува со студенти од други држави кои остваруваат мобилност, а исто така и со студенти од други градови од Полска. Секоја вечер беа организирани забави или други настани, со цел да се подобри социјалниот живот меѓу студентите. Се на се, можам да кажам дека животот во Лоѓ ќе ми остане засекогаш во моето срце, а морам да кажам и дека ми недостасува тој живот.
Факултети: Сите знаеме дека студирањето во Македонија е сосема различно со студирањето во градовите низ Европа. Колку за споредба, која е разликата помеѓу универзитетите и студирањето тука и таму?
- Разлики нормално има, како и со Полска така и со другите земји. Голема разлика е што во Полска високото образование е тригодишно, за разлика од нашето високо образование, кое е четиригодишно. Така да, за споредба ако го земеме третиот семестар на педагошкиот факултет во Битола и третиот семестар во Лоѓ, дел од предметите кои се изучуваат се различни. Исто така на глобално ниво има предмети кои се изучуваат на нашиот факултет, а не се изучуваат таму, и обратно. Исто така, за мене освежувачка беше промената во начинот на кој се изведуваат предавањата. Наместо очекуваната пракса која е воспоставена на македонските факултети, едно предавање да тра 3-4 часа, во Полска предметите беа поделени на 2 дела: првиот дел се состои од стандардно предавање кое трае 45 минути, а потоа во друг термин вториот дел се состои од вежби според предавањето во времетраење од 90 минути. Третата разлика е во оценките. Кај нас се познати оценките од 6 до 10, а во Полска се оценува од 3 до 5, односно 3, 3.5, 4, 4.5 и 5. Исто така морам да напоменам дека полските студенти на универзитетите низ Полска се ослободени од годишна партиципација.
Факултети: Што најмногу ти остави впечаток?
- Има повеќе работи кои ми оставија впечаток и прилично тешко ми е да се одлучам, но еве јас се одлучив за организираноста од страна на Универзитетот за програмата Еразмус+ и третманот што го добивавме студентите кои остварувавме мобилност од страна на Универзитетот и од страна на самите факултетски институции. Исто така тука морам да го споменам таканаречениот Еразмус Тим-тим од студенти на Универзитетот составен со цел да ги поврзат студентите меѓусебно и да креираат настани со цел исполнување на слободното време на студентите, посебно во викендите.
Факултети: Која би била твојата порака до студентите?
- Мојата порака сакам да ја испратам до студентите, посебно до студентите од мојот град, уште по враќањето од Полска е само да се ослободат од стравот кој владее да се оди во друга држава на подолг временски период, а посебно стравот од остварување на мобилност поради немање на пријател за заедничко остварување. Според моето мислење (сепак тоа доста зависи од карактерот на личноста), многу подобро индивидуата би го поминала периодот на мобилност ако се одлучи сам да ја оствари мобилноста, и многу повеќе пријателства би стекнала.