X
 21.07.2018 Живот

Студенти од Манчестер отстранија расистички стихови од мурал

Студентите од Универзитетот во Манчестер ја заменија поемата „Ако“ на Киплинг ставена на мурал со поемата „Сѐ уште се кревам“ од Маја Ангелу.

Поемата „Ако“, напишана во 1895 година, била насликана на ѕидот од универзитетскиот реновиран студентски сојуз. Но, студентите ги заменија стиховите од поемата со стиховите од „Сѐ уште се кревам“, напишана во 1978 година од американската поетеса и активистка Маја Ангелу.

Во соопштение, Сара Кан, задолжена за пристап и слободи на студентскиот сојуз, изјави дека студентите не биле консултирани во врска со декорирањето на зградата на сојузот.

- Ние, како извршен тим на сојузот, веруваме дека Киплинг бил против слободата и зајакнувањето на човековите права – работи зад кои ние, како студентски сојуз, силно стоиме - изјави Кан. 

 



Киплин/Маја Ангелу (Извор: The Guardian)



 

- Киплинг е добро познат како автор на расистичката поема „Тешкотиите на белиот човек“. Со ова, но и со многу други негови дела сакал да го легитимира владеењето на Британската Империја во Индија и да ги дехуманизира луѓето со различна боја на кожа. Исклучително недолично е да се промовираат делата на Киплинг во нашиот студентски сојуз, кој формално го носи името според проминентната јужноафриканска антиапартхејд-активистка Стив Бико - дополни Кан.

Киплинг, инаку роден во Мумбај во 1865 година, е првиот писател што пишувал на англиски јазик на кој му била врачена Нобеловата награда за литература во 1907 година и до денешен ден е најмладиот лауреат.

Портпаролот од универзитетот јавно се извини за тоа што не ги прашале студентите за нивното мислење пред да го нарачаат муралот. 

–Разбираме дека сме направиле сериозна грешка во нашиот пристап при нарачката на ова уметничко дело со тоа што не го побаравме мислењето на студентите уште на почетокот на овој проект. Прифаќаме дека резултатот е недоличен и за тоа се извинуваме - изјави портпаролот.

Џанет Монтефиоре, професор на Универзитетот во Кент и уредник на „Киплинговиот журнал“, мисли дека студентите требало да бидат прашани за муралот бидејќи сепак тоа бил „нивен ѕид“, но дека одлуката да се наслика врз него била претерана и избрзана.

- Се разбира дека Киплинг бил расист. Се разбира дека тој бил империјалист, но не бил само тоа и сметам дека е штета да се гледа на него само низ тоа светло. Сметам дека Киплинг е магичен раскажувач и дека неговата перспектива е дел од историјата. Не е во ред да се преправаме дека сето тоа никогаш не се случило - изјави Монтефиоре за Гардијан.

Таа додава дека „Ако“ не е расистичка поема и дека во неа има добри совети.

Слични вакви протести се имаат случено низ повеќе универзитети во Обединетото Кралство. Студенти од Универзитетот во Оксфорд водеа кампања за рушење на статуа од 19 век на империјалистот Сесил Роудс. Студенти во Бристол започнаа кампања за преименување на зграда изградена во името на Хенри Вилс, сопственик на голема фирма за тутун, која има профитирано од ропство.

Подготвил: Т.Ц.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот