X
 31.05.2017 Живот

Гужва пред шалтерите на Агенцијата за вработување

Ако планиравте денеска да завршите некаква обврска во Агенцијата за вработување во Скопје, да треба да пријавите или одјавите работник, најдобро е да се предомислите. Редица народ пред шалтерите на Агенцијата е сликата од утрово. Луѓето се нервозни, чекаат и по еден час за да завршат работа. 


 

-Работно време не најдов на веб-страницата на АВРМ, па затоа претпоставив дека почнуваат со работа во 8 часот, но кога стигнав во 8 часот видов дека е од 8.30 часот. Се вратив во 8.35 часот и видов дека имаше 12-13 луѓе кои чекаат, а работеше само еден шалтер. Почекав 15 минути и бидејќи немаше прогрес, си заминав. Луѓето кои чекаа ред коментираа дека цел ден нема да се заврши работа ако се продолжи само со еден шалтер. Навистина, иако има електронско пријавување и одјавување, од шест шалтери, да работи само еден не е возможно да се заврши работа. Се вратив после два часа и гужвата беше уште поголема, бројчињата не функционираат па така се создаваше гужва, нервози и кај луѓето кои чекаат ред и кај вработениот на шалтер – вели Митко Андоновски од Скопје.

-И вчера беше исто. Дојдов изутрина и имаше гужви и пак само еден шалтер работеше. Кога дојдов попладнето, пак исто, гужви до надвор и внатре е преполно. Навистина ова е премногу што се случува од 6 шалтери само еден или два да бидат функционални и на крај од месец. Бројчињата не работат и сите се нервозни - ни кажа уште еден граѓанин кој чекаше.



Слободанка Аврамовска од Агенцијата за вработување во Скопје вели дека немало никакви проблеми и дека можеби гужвата била моментална.

-Вообичаено луѓето го чекаат последниот ден во месецот за да завршат некоја работа во Агенцијата. Секој корисник на услуга си зема бројче и работата си тече. Немаме посебна гужва денес – вели Аврамовска.

Но, фотографиите покажуваат нешто друго.
Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот