Индустријата за обновлива енергија е во подем. Минатата година отвори 500.000 работни места, со што нивниот вкупен број првпат надмина 10 милиони, извести Меѓународната агенција за обновлива енергија.
Благодарение на обновливите извори на енергија, до крајот на минатата година биле креирани 10,3 милиони работни места, што претставува зголемување од 5,3 отсто во споредба со крајот на 2016 година, вели агенцијата.
Резултатите покажуваат дека владите во светот денес ја сметаат енергијата од обновливите извори за столб на економскиот раст со ниски емисии на јаглерод.
Фото: Pixabay
- Овие податоци во основа ја поддржуваат нашата анализа според која исклучувањето на јаглеродот од глобалниот енергетски систем може да го поддржи растот на глобалната економија и да создаде 28 милиони работни места во тој сектор до 2050 година - вели директорот на Меѓународната агенција за обновлива енергија.
Минатата година најголем број работни места во овој сектор биле отворени во Кина, Бразил, Америка, Индија, Германија и во Јапонија - дури 70 отсто.
Во споредба со 2012 година, вкупниот број работни места во секторот за обновлива енергија е зголемен за 47 отсто, а повеќе од 60 отсто во Азија, главно во Кина.
На крајот од минатата година секторот на обновливи извори на енергија во Кина вработил 3,88 милиони работници. Уделот на Кина во вкупниот број работни места во
секторот бил 38 отсто.