X
 21.06.2017 Култура

Лекции за успешно раководење според директорот на „Убер“


Мобилна апликација на Uber


„Убер“ веќе неколку години наназад е познат како стартап кој од една идеја – како да се замени такси-системот – израсна во компанија вредна 70 милијарди долари, со 12.000 вработени и повеќе десетици возачи. Сепак, основачот и директорот на „Убер“, Тревис Каланик, сега мора да управува со кризата која последниве месеци сериозно ја „тресе“ оваа компанија.

Кризата започна кога поранешната инженерка во компанијата, Сузан Фаулер, објави блог каде ја опиша лошата култура во „Убер“. Наводно, во компанијата се заштитувале сите инженери кои сексуално ги вознемирувале своите колешки, а се казнувале жените кои инсистирале одделот задолжен за човечки ресурси да преземе некакви чекори во врска со пријавените случаи. Така се појавила првата „дамка“ на компанијата што почнала да се проширува.

Меѓу нотираните „минуси“ се нашол и случајот кога Каланик лично се расправал со еден вработен возач, кој му кажал дека со платата што ја добива од фирмата, не може да го прехрани своето семејство.

Каланик во моментов е еден од најомразените директори, а „Убер“ е компанија која „сите сакаат да ја мразат“. Сепак, медиумите вообичаено  се црно-бели, и додека еден лидер го воздигнуваат до небо (примерот со Илон Маск), друг слободно можат да го „закопаат во земја“.

Како што пишува сајтот „Инк“, постојат и многу добри работи кои ги направиле Каланик и неговиот тим. Ајде да погледнеме како можеме да ја свртиме кризата во наша корист, и од тоа да извлечеме корисна лекција:

1. Кога нешто ќе направите погрешно, признајте и извинете се – брзо и без двоумење

Некоку часови откако блогот на Сузан Фаулер стана вирален, Каланик на „Твитер“ напиша дека сè она што било наведено во блогот е во спротивност со она во што тие (Убер) веруваат и дека секој што се однесувал така, ќе биде отпуштен од работа.

2. Побарајте помош од трета, објективна страна

„Убер“ ги ангажираше „Ковингтон и Барлинг“, угледна адвокатска фирма, со задача независно да истражуваат и да даваат препораки. Каланик, исто така ги повикал и членовите на тимот на Аријан Хафингтон да му се приклучат на состаноците на кои треба да се дебатира за проблемите околу културата во компанијата.

3. Ако препознаете дека и Вие сте дел од проблемот – повлечете се

Каланик бил прозван самиот себе да си даде отказ. И тогаш објавил дека (а тоа била негова лична одлука) откако ќе се објават првите резултати од истрагата, ќе земе отсуство од работа и дека ќе се повлече. Каланик отсекогаш бил синоним за „Убер“, така што за ваков потег навистина треба да се поседува храброст.

4. Отпуштете ги „ортаците“ ако и тие се дел од проблемот

„Убер“, наводно, имал „А тим“ кој го сочинувале менаџери кои биле најблиски деловни соработници на Каланик и како такви, биле недоприливи без оглед што работеле. Еден од членовите на тој тим сакал да го фалсификува медицинскиот наод на жена која  обвинила еден од возачите во компанијата, дека ја силувал.  Другиот член, Емил Мајкл, близок  личен соработник на Каланик, почнал да ја шири идејата дека треба да се вработат истражители кои  ќе откриваат лични информации за новинарот кој пишувал критики за „Убер“. И двајцата биле отпуштени.

5. Погледнете се во огледало

Лесно е да се критикува „Убер“. Сепак, проблемот е многу поголем и не станува збор само за една компанија. Се јавиле и други жени, инженерки, кои искусиле сексуално вознемирување, но не во „Убер“ туку во „Гугл“ – водечката компанија во Силициумската долина.  Исклучок не се ниту други големи, водечки компании.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура