X
 23.06.2017 Култура

На кое место е Македонија според индексот за социјален напредок

Со истражувањето за социјален напредок за 2017 година опфатени се 128 земји, а земени се предвид околу 50 различни фактори.

брод
Фото: Thinkstock

Истите се поделени во три категории: основни човекови прави (здравствена заштита, хигиенски услови, безбедност), основи на човековата благосостојба (едукација, комуникација, животна средина, пристап до информации) и можности (човекови права, степен на слобода и толеранција, пристап на висок степен на образование).

Индексот за социјален напредок за оваа година покажа дека Данска е најдобра земја за живот, а најнепогодна е Централноафриканската Република. Македонија се наоѓа на 58то место на листата со вкупно 69.35 поени, освојувајќи 86.99 поени за основните човекови потреби, 73.32 поени за основите на благосостојбата, 47.74 поени за можностите, 94.35 за вода и санитација, 77.94 за пристап до информации и комуникации, 52.14 за личните слободи и личниот избор, 78.84 поени за засолниште, 66.88 поени за здравје, ниски 41.13 за толеранција и инклузија, 75.48 поени за лична безбедност, 59.73 за квалитет на природната средина и 39.60 поени за пристап до напредно образование.

Што се однесува до земјите од регионот, Црна Гора е на 54то место, Албанија е 52ра, Србија 45та, Бугарија 41ва, а Грција е 33та.

Од континентите, најдобро помина Европа со 11 од 14 земји со многу висок социјален напредок. САД покажа „солиден напредок“, азиските земји бележат скромни резултати, додека африканските се најдолу на листата.

На врвот на листата зад Данска се наоѓаат Финска, Исланд, Норвешка и Швајцарија во првата петорка.

Најголем пад од 2014 година бележат Централноафриканската Република и Конго, а голем напредок во последните три години е забележан во Непал, Бангладеш, Мјанмар и Киргистан.

Подготвил: М.Д.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура