Во последниов период земјите низ светот ги укинуваат мерките поврзани со коронавирусот. Меѓутоа, дел од нив сè уште бараат сертификати за вакцинација или имунитет на ковид-19 за влез. Веб-страницата „Ре-опен“ на Европската Унија ги наведува мерките што се во сила за влез во земјите од ЕУ и шенген-зоната. Следуваат податоците за дел од нив.
Австрија
За влез е потребен сертификат за вакцинација или имунитет (валиден 180 дена по позитивен тест) или негативен резултат од тест за ковид-19. Доколку не се поседува ниту еден од овие документи, задолжителна е изолација од 10 дена или тестирање за ковид-19.
Германија
Патниците постари од 12 години треба да покажат сертификат за вакцинација кој не е постар од 270 дена или доказ за имунитет не постар од 90 дена, а кој бил направен пред најмалку 28 дена. Алтернативно, може да се влезе со негативен резултат од тест за ковид-19.
Фото: Pixabay
Франција
Туристите мора да пополнат формулар пред да влезат во земјата, но и да поседуваат сертификат за вакцинација или доказ за имунитет не постар од 180 дена. Алтернативно, може да се приложи доказ за негативен резултат од тестирање пред патувањето. Патниците што ги немаат овие документи треба да се изолираат во карантин.
Италија
Италија, исто така, бара пополнување на дигитален формулар пред патување, но и доказ за вакцинација не постар од 270 дена или доказ за имунитет не постар од 180 дена. Може да се направи и тестирање пред патувањето за да се избегне изолација од 5 дена при влезот. Овие правила важат до крајот на мај.
Шпанија
За влез во земјата е потребен дигитален сертификат кој докажува дека сте вакцинирани пред најмногу 270 дена или дека сте прележале ковид-19 пред најмногу 180 дена. Може да се приложи и негативен резултат од тест за ковид-19.
Хрватска
Од патниците не се бара да приложат сертификат за имунитет или резултати од тестирање за ковид-19.
Грција
Земјата ги укина мерките за доказ за вакцинација или имунитет на ковид-19. Не е потребно ни тестирање.
Фото: Pixabay
Бугарија
Бугарија, исто така, ги укина мерките за влез во државата поврзани со коронавирусот.
Кипар
Патниците треба да приложат доказ за вакцинација или имунитет на ковид-19. Сертификатот за вакцинација не треба да биде постар од 270 дена, а доказот за имунитет треба да е стар најмногу 180 дена. Алтернативно, може да се приложи негативен резултат од тест за ковид-19.
Освен тоа, од патниците може да биде побарано да направат тест и при пристигнувањето, кое е бесплатно. Туристите што ги немаат овие документи може да бидат казнети со 300 евра, а оние што ќе одбијат да се тестираат мора да се изолираат 10 дена.
Извор:
Re-open EU