Во текот на изминатите пет-шест години откако започна да се употребува во говорот, зборот хипстер стана еден од најбараните термини во онлајн речниците ширум светот. Но, се поставува прашањето: што воопшто значи и кога започнал да се користи?
Дефиниција за хипстер
Терминот хипстер за првпат се појавил во текот на златната ера на џезот и ги означувал љубителите на овој жанр. Подоцна, сите - од хипици до панкер и андерграунд рокер биле нарекувани хипстери, поради алтернативниот начин на облекување и однесување.
Норман Мајлер во неговиот есеј „Бел црнец“ ги дефинира хипстерите како „модерни егзистенцијалисти, разведени од општеството, на патување кон самосознанието“.
Иако хипстерите не може да се дефинираат бидејќи постојано еволуираат, објаснувањето на Мајлер стана универзално за сите хипстери.
Хипстерите се спротивставуваат на статус кво - тие бегаат од кичот на современото општество и мозоците испрани со популарна култура и го враќаат ретро стилот, вредностите и начинот на живот.
Тие сметаат дека стилот не е нешто што се гради според популарните синџири на бутици, туку од плакарите на бабите и дедовците, продавниците кои нудат производи од втора рака или со шиење. Хипстерите имаат малку „запоставен“ изглед кој за нив е императив за добар вкус - носат таканаречени Бади Холи наочари, искинати фармерки, износени кошули, винтиџ и инди гардероба.
Нивната замисла да бидат „кул без премногу труд“ е успешно реализирана. Со своето невклопување, но истовремено и заглавување во современото општество и тоа како привлекуваат внимание.
Додека од една страна популаризираат храна без глутен, останувајќи врени на модерно поставените вредности, сепак не се откажуваат од цигарите и алкохолот. Исто така, иако ги имаат најдобрите изуми на технологијата, како ајфон, сепак и понатаму гордо користат машина за пишување и купуваат плочи наместо цедиња.
Тренд на 21 век
Експанзијата на хипстерите ја опфати цела планета, толку што сега лесно може да се разграничи дали една личност е хипстер или не.
Доколку носи очила а нема диоптер, ако на маицата има лого од некој алтернативен бенд („Nirvana“ или „Pink Floyd“), ако се облекува во слоеви и комбинира фустани со мартинки или искинати фармерки со сако, ако не се грижи за неуредната коса и брада, значајно внимание посветува на „Instagram“ профилот или блогот, во слободно време гледа филмови од Вес Андерсон или Џим Џармуш, пие кафе и вози велосипед - тогаш во вашето друштво имате вистински хипстер.
Ненамерно вклопување
Сепак, и покрај тоа што хипстерите се противат на модерната потрошувачка култура и спротивставувањњто на униформираната маса, тие со текот на времето станаа дел од истата.
Како што обично кај човек функционира обратната психологија, со самиот факт што хипстерите се труделе со својот стил и однесување како да не им е грижа за ништо, тие го привлекоа вниманието врз себе и стекнаа голем број луѓе кои ги почитуваат.
Модните трендови како што се „The Gap“ и „Urban Outfitters“ создадоа цели колекции наменети исклучиво за хипстерите. Иако хипстерите тежнеат да го претстават сето она што не може да се виде на телевизија, денес сите видови не медиуми се преплавени од нив, а многу познати личности ги усвојуваат и промовираат нивните вредности.
И покрај ова, поткултурата на хипстерите постојано се шири и развива, присвојувајќи нови стандарди но и враќајќи го целосниот сјај на старите. Доколку
хипстерскиот стил не стамо само уште еден униформиран и пролазен тренд, голема е веројатноста да биде револуционерен на сите полиња на општествениот живот.