X
 04.07.2017 Технологија

Биометриски прстен што заменува многу други уреди


Биометриски прстен
(Фото: Youtuben Screenshot)

Овој биометриски прстен може да има различни намени, од отворање на влезната врата во станот, вклучување на автомобилот, па сè до плаќање и логирање на компјутерот и на други уреди. Во прстенот можат да се меморираат податоци за кредитни картички, корисничките имиња и лозинки, а со помош на постојната апликација ќе може да се додаваат и други, нови информации.

Прстенот го потврдува идентитетот на корисникот со помош на скенер за отпечаток од прстот, што се наоѓа на неговата внатрешна страна. Кога прстенот ќе се стави на прстот, скенерот го потврдува идентитетот, а IR оптичкиот сензор следи дали прстенот и натаму се наоѓа на прстот на истото лице. Но, кога ќе се извади од прстот, корисникот одново ќе треба да го потврди својот идентитет преку скенерот.

Една од одличните опции на прстенот наречен „Токен“ е можноста со него да се плаќаат сметки на продажните места, што се реализира во партнерство со „Мастеркард“.

Прстенот се набавува со дополнителен дел за безжично полнење на батеријата и ЛЕД-ламбичка која е индикатор дали батеријата е испразнета под 30 проценти. Со едно полнење батеријата може да потрае и до три недели.

„Токен“ е водоотпорен до длабочина од 50 метри, но и покрај сите предности, најголем проблем е неговата висока цена. За најевтиниот модел треба да се издвојат 249 долари, додека ексклузивното издание што е изработено од 14-каратно розово злато и црн родиум чини 299 долари.


Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија